Зошто Бојко Борисов повторно „јава“ прв во анкетите во Бугарија
Главното прашање во Бугарија е што ќе направат досегашните министри Кирил Петков и Асен Василев со нивниот политички проект, кој може да ја сврти на глава политичката сцена
Бугарските аналитичари велат дека нема спектакл во пропаѓањето во анкетите на Има Таков народ (ИТН), партијата на шоуменот кој обожува да прави спектакли, Слави Трифонов, откако победи на последните избори во јули. Таа се покажа како контрадикторна и на политичката сцена и самата кон себе, преземајќи „инфантилни“ политички акции во последниот праламент и предлагајќи влада за која никого не консултираше, а бараше поддршка од сите. Или барем зад неа да застанат четири од шесте парламентарни партии.
Последните две анкети објавени денеска, на „Алфа рисрч“ и „Галуп“, ја ставаат ИТН на второ и на четврто место. Во анкетата на „Алфа рисрч“ ИТН загубила седум процентни поени и сега има поддршка од 16,9 отсто, додека во истражувањето на „Галуп“ таа поддршка е 15,6 отсто.
Двете клучни партии на статус-квото, ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов и Бугарската социјалистичка партија (БСП) се вратија на нивните стари позиции – во врвот на поддршката. „Магијата“ на Бојко Борисов и натаму има свое влијание кај 21,1 отсто од гласчаите („Алфа рисрч“) и 22,5 отсто („Галуп“) и ГЕРБ ќе направи сѐ да не ја испушти од рака на победата на изборите во ноември.
ГЕРБ не ја зголемува популарноста, но Борисов е умешен да го зачува околу себе тврдото јадро гласачи кај кои не допираат ниту изјавите, ниту истрагите, ниту санкциите на САД за големата корупција. Тоа јадро едноставбно смета дека Борисов е неговиот политички патрон кој треба да се поддржи на секој начин.
Во ситуација на општа политичка конфузија БСП успева да поврати дел од загубените позиции и да ја зголеми поддршката (16,5 проценти) поради обидите во јавноста кои беа перцепирани како иницијативи за компромиси и формирање влада.

Но клучот за исходот на изборите во ноември лежи кај двајца министри во досегашниот службен кабинет, Кирил Петков и Асен Василев. Петков (министер за економија) и Василев (министер за финансии) за три-четири месеци успеаја да ја стекнат довербата на јавноста како исклучително стручни луѓе кои не се мрежно поврзани со партиите или олигарсите и тие најави јаде ќе излезат со свој политички проект на следните избори и затоа ја напуштија новата слубена влада. Нивното појавување ќе ја растресе политичката сцена на Бугарија и прашање како ќе изгледа таа по изборите.
„Алфа рисрч“ соопштува дека овој нов политички проект уште сега има поддршка од 8-9 отсто избирачите и дека има големи шанси таа да се зголемува, додека „Галуп“ не ги мерел неговите шанси, но затоа во анкетите Петков е двојно популарен од Борисов. Петков и Василев немаат доволно време до изборите да регистрираат своја партија, па затоа ќе искорстат некоја друга мала формација за да настапат пред гласачите.
Бидејќи Петков и Василев настојуваат да се претстават со европска централно-левичарска идеологија, гласовите што ќе се одлеат кон нив се главно од БСП (кои последните години завлегоа во длабоки националистички води), од партија на Маја Манолова (која е во парламентот) и секако од ИТН. Со тоа формацијата на Манолова е во голема опасјност да не влезе воопшто во идното собрание.
Според познатиот професор Евгениј Дајнов, формацијата на Петков и Василев ќе биде најмногу подржана во Софија, но ќе добие многу гласови и надвор од неа. Дајнов смета дека гласовите во провинцијата за Петков и Василев ќе дојдат најмногу од луѓето кои ги поддржуваат политиките и идеите како оние на Демократска Бугарија, но досега не гласале за неа.
Како и да е, во ноември се подготвува ново изборно чистилиште во Бугарија, откако на претходните две гласања беа збришани националистичките патриоти. (Н.В.)