Зошто беше разрешен командантот на руската Пацифичка флота?
Адмиралот Сергеј Авакјанц е преместен на функцијата шеф на штабот задолжен за центрите за воена спортска обука и патриотско образование
Командантот на руската Пацифичка флота, адмирал Сергеј Авакјанц, беше разрешен помалку од една недела по ненадејната проверка на подготвеноста, во која беа вклучени стратешки подморници вооружени со нуклеарни проектили.
Авакјанц, кој ја водеше флотата повеќе од 10 години, беше префрлен на нова позиција – шеф на штабот задолжен за центрите за воена спортска обука и патриотско образование, изјави вицепремиерот, претседателски претставник во федереалниот округ Далечен Исток, Јуриј Трутнев.
„Привршува подготвителниот период во кој направивме централизирана структура која ќе дава методолошка поддршка за активностите на регионалните центри и ќе ја координира нивната работа. Оваа централна структура, всушност штаб за исполнување на задачата поставена од претседателот, ќе биде предводена од адмиралот Авакјантс, кој до неодамна командуваше со Пацифичката флота“, рече Трутнев.
На 14 април, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу најави ненадејна проверка на Пацифичката флота. Главната задача на проверката, која ја водеше командантот на руската морнарица, адмирал Николај Евменов, беше наречена „градење на способноста“ да се одбие агресијата на потенцијалниот непријател.
Според Шојгу, во маневрите учествувале 25.000 војници, 167 воени бродови и помошни бродови, вклучително и 12 подморници. Меѓу нив има и четири стратешки ракетни крстосувачи, кои, според идејата на воените планери, уште од советско време се сметаат за главно оружје за одмазднички нуклеарен напад. Подготвеноста на стратешките подморници за употреба на оружје беше земена под посебна контрола во име на началникот на Генералштабот, Валери Герасимов.
По проверката на флотата, рускиот претседател Владимир Путин на средбата со Шојгу рече дека вооружените сили се користат како приоритет во украинскиот правец, но „никој не ги откажал задачите за развој на флотата“.
Адмиралот Авакјанц беше назначен за командант на Пацифичката флота во мај 2012 година, а пред тоа работеше во седиштето на Северната флота и прв-заменик командант на Пацифичката флота.
Во некои од руските независни медиуми се пишува дека смената на Авакјанц може да има врска со големите загуби што ги претрпеа маринците од пацифичката флота во Украина. Маринците од 155-та бригада на Пацифичката флота испратени во Украина, во есента 2022 година изјавија дека претрпеле големи загуби. Според нив, бригадата изгубила околу 300 луѓе за четири дена. Министерството за одбрана на Русија соопшти дека загубите на бригадата за повеќе од 10 дена не надминуваат 1% од борбената сила. Подоцна, еден од маринците рече дека командата одлучила да ја повлече бригадата од борбената зона.
Оваа бригада имаше катастрофални загуби и во луѓе и во техника, особено во тенкови, во февруари, во една битка кај украинскиот град Вухледар. Според многу податоци, бригадата била речиси целосно уништена.
За време на ненадејната инспекција на флотата, Русија за прв пат го тестираше ажурираниот одбранбен систем на Камчатка, изјавија за „Известија“ извори од Министерството за одбрана. Според нив, одбранбениот систем на полуостровот покажал висока доверливост и ефикасност во заштитата на брегот и од воздушни и од морски напади. Исто така, војската за прв пат ја провери можноста за напуштање на сите подморници од базите во Камчатка и ја разработи нивната заштита по целата рута до наведените области.