Зоран Заев: Да не почна Антонио Милошоски да ги краде и столбовите од Програмата на ВМРО-ДПМНЕ


Кампањата почна да се вжештува – претседателот на СДСМ, Зоран Заев, од вечерашната трибина во Тетово не штедеше зборови ниту критики и за ВМРО-ДПМНЕ и за ДУИ. Тој им порача на тетовци дека изборот пред нив е едноставен и јасен – меѓу перспективите што ги нуди СДСМ и криминалите и уназадувањето што ги нудат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

„Гледате, овие денови не знаат што зборуваат. ВМРО-ДПМНЕ веќе нема ниту компас, ниту ГПС. Дури и насоките од Будимпешта што ги добиваат им се конфузни. Ја слушам Гордана Силјановска – ќе го укинувала Рамковниот договор. Па, Рамковниот договор е завршен, само духот за еднаквост во општеството треба да го исполниме. Овој криминалецот со тапија, Антонио Милошоски, зборува за правна држава. Го слушам Мицкоски, без почитување на какви било протоколи за здравствена заштита, Заев не го вади од уста. Ќе го гледа тој Заев уште четири години! Го слушам вчера Александар Николоски вели – програмата има пет столба. Еј, мајката… кои се тие пет столба? Вртам на телевизија доцна вечерта, Антонио Милошоски вели – програмата има четири столба. Од почетокот едниот столб го снема. Или столбовите се од стиропор, како оние фасади во Скопје или го ‘џапнаа’, го украде Антонио Милошоски“, рече Заев, додадавјќи дека истите луѓе што беа околу Груевски сега се во врвот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на ДУИ Заев нагласи дека е време интегративците да одат во опозицијата.

„Тоа е добро и за ДУИ и за државата. СДСМ, заедно со Беса и Коалицијата ‘Можеме’ овде во Тетово ќе ги победиме и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и Алијансата за Албанците“, рече Заев.  (Н.В.)