Зоран Милески – Кичеец имал тахикардија и затоа бил пуштен на слобода


Контроверзниот осуденик во случајот „Рекет“ му било дозволено да добие 30-дневно отсутво од затворот поради тоа што му била влошена здравствена состојба, за што тој доставил и специјалистички извештаи од лекарски прегледи. Во тие лекарски прегледи било наведено дека имал чувство на забрзана срцева работа, градна болка  и видлива агитираност кои се јавиле после интезивен психички и физички стрес.  Тоа го соопштува Управата за извршување на санкции (УИС) од каде напоменуваат дека Милески требало да се врати на 9 септември во затворот во Струга. Отсуството му важи од 10 август.

„Прекинот од 30 дена не му се засметува во вкупната казна затвор, а истиот му беше одобрен од причина што на Управата за извршување на санкции осудениот кон своето барање за одобрување на прекин поради влошена здравствена состојба, достави и специјалистички извештаи од лекарски прегледи извршени на 06.08.2021 година и на 09.08.2021 година во ЈЗО Завод за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања ‘Св.Стефан‚ во Охрид. Во специјалистичките извештаи е наведено дека пациентот се јавил на преглед поради чувство на забрзана срцева работа, градна болка, дспинеја и видлива агитираност кои се јавиле после интезивен психички и физички стрес, еден час пред прегледот. Пациентот бил поставен на хемодинамски мониторинг, ординирана терапија со amp. Presolol и amp. Cordarone и седација, после која дојде до нормализирање на срцевата фреквенција“, информираат од УИС.

Дијагнозата, се вели во соопштението, за која специјалистот навел дека е потребно да се продолжат медицински иследувања е „Суправентрикуларна тахикардија“ и индицирани и закажани се ехокардиоградија, холтер EKG, Холтер ТА, колор доплер сонографија на каротидни артерии, KCT, а препишана е и соодветна медикаментна терапија.

Зоран Милески – Кичеец е осуден на три години затвор, откако го призна делото за случајот „Рекет“ – примање награда за противзаконито влијание. 

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски при денешната посета на реконструираниот објект на СВР Куманово, одговарајќи на новинарски прашања до каде е истрагата за сообраќајната несреќа во која е вклучен Зоран Милески-Кичеец и дали има вклучено српски државјани, рече дека стручните служби работат на утврдување на одговорноста.

„Јас искрено жалам што се случи сообраќајна незгода и што има починато лице, тоа е најголемата загуба, за сите други аспекти ќе се произнесат сите други експери во МВР, точно ќе се утврди кој е виновен и тој ќе мора да носи одговорност. Ги имаме ние идентитетите, се работи на тоа  и ако има каква каква било поврзаност, со нешто сомнително за тоа ќе се преземат мерки“, изјави министерот.