Зоран Милановиќ: Влегувањето на Финска во НАТО е опасно шарлатанство


Зоран Милановиќ

 

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска уште еднаш го навлече гневот на владата, а предизвика и реакции на чудење на северот од Европа откако рече дека треба да се спречи влегувањето на Финска во НАТО.

„Важна е голема професионална копнена армија. По ѓаволите млади мажи. И софистицирани ракетни системи, со нив Русија ја уништува Украина. Американскиот државен секретар и министерот за одбрана на САД патувале со воз ноќе, што е понижувачко. Тоа е затоа што Русија не дозволува да се лета. Тоа е ситуацијата во која живееме. Реалност е дека врвот на Америка мора тајно да оди во Украина. Веројатно во договор со Русите“, рече тој на конференција за зелениот развој на Хрватска, а пренесе телевизијата Н1.

„Да се оди чекор понатаму и да ја вовлекувате во тоа Финска која е на 50 километри од Санкт Петербург. Мислам дека тоа е опасно шарлатанство. Сепак, не можеме да кажеме не. За нас Финска е поважна од Хрватска и Хрватите во БиХ, нели. Што се однесува до мене, нека влезат во НАТО, нека ја бодат со пенкало во око бесната мечка. Но, додека не се реши прашањето за изборниот закон, додека Бакир Изетбеговиќ не биде принуден да го промени изборниот закон, Собранието не смее да ратификува ничиј пристап кон НАТО“, рече хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.

„Не бараме Финска или Шведска да си го сменат името во Икеа, туку само да им кажеме на Американците ова да се реши. За мене тоа е витален национален интерес на државата, нацијата и народот. БиХ да биде организирана држава. Тогаш Загреб ќе навива БиХ да биде во ЕУ“, рече Милановиќ како што пренесува Н1.