ЗНМ: Случајот со 1ТВ е последен аларм за итни медиумски реформи


Последните случувања со приведувањето на Бојан Јовановски, менаџер во кабелската телевизија 1ТВ, отвора сомнеж за сериозна злоупотреба на медиумите на сметка на лично богатење на поединци. Овој развој на настаните поврзани со 1ТВ претставува и удар врз репутацијата на професионалното новинарство, а доколку нема соодветна правна разрешница може да предизвика и намалување на довербата кон новинарите и медиумите во целост, смета Здружението на новинарите.

– ЗНМ изразува загриженост и за состојбата во која се наоѓаат новинарите и медиумските работници вработени во оваа телевизија, кои поради овој скандал може да останат на улица. Ова дополнително може негативно да се одрази и на севкупниот пазар на трудот во медиумскиот сектор. Оваа состојба нека биде последен аларм за итно спроведување на најавените и ветени реформи во медиумската сфера, но и во вкупниот медиумски бизнис, преку неопходен мониторинг во однос на начинот на кој медиумите се финансираат и во однос на сопствеништвото, се вели во денешното соопштение од ЗНМ.

ЗНМ ги повикува Владата и опозицијата, преку Парламентот да најдат механизам за итно деблокирање на собраниските процедури преку кои треба да продолжат реформите важни за нашата медиумска сфера. Здружението потенцира и потсетува дека се пробиени сите рокови за екипирање на програмскиот совет на МРТ и на Советот на ААВМУ .

– Тоа беа предуслови што треба да водат кон конечно креирање на амбиент во кој приватните медиуми, како и јавниот сервис ќе можат да функционираат независно, во интерес на јавноста. Ја повикуваме АВМУ да спроведе итен вонреден надзор со цел да се утврди дали телевизијата 1ТВ ги има прекршено одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, посочува Здружението на новинари на Македонија.

Од Основното јавно обвинителство во Скопје како и од надлежните институции ЗНМ бара со брза и ефикасна истрага да придонесат да се оттргне сомнежот во јавноста дека институциите делуваат селективно и не работат во интерес на граѓаните. Брза правна разрешница на случајот, смета ЗНМ, ќе биде многу значајна и за иднината на вработените новинари и медиумски работници во 1ТВ.