ЗНМ ја поздрави одлуката на МВР да се казнат полицајците кои ја попречувале работата на новинарката Секуловска


Здружението на новинарите на Македонија ја поздравува одлуката на внатрешната контрола на МВР која утврди незаконско постапување на полициските службеници за попречување на новинарката Билјана Секуловска при вршење на своите професионални обврски, и истите ќе бидат соодветно казнети.

Како што соопшти ЗНМ, на 7 јули годинава околу 19.00 часот, новинарката Билјана Секуловска, уредник во онлајн медиумот www.novatv.mk, при обавување на професионалните задачи сликала полициска патрола која вршела контроли за време на полицискиот час.

-И покрај тоа што Секуловска се претставила на полицијата и покажала дозвола за непречено движење за време на полициски час, полициските службеници и забраниле да ги снима и на груб начин се заканувале дека ќе ја тужат, бидејќи според нив не било дозволено да се снимаат полициски службеници, соопшти ЗНМ.

По овој настан ЗНМ испратило претставка до Внатрешната контрола при МВР поради попречување на правото на новинарката да известува од јавен простор за теми од јавен интерес.

Дополнително, како што посочува ЗНМ, било побарано итно да се спроведе постапка за утврдување на одговорност на полицискиот службеник, а потоа да биде спроведена и дисциплинска постапка во која ќе се утврди дали тој постапувал во согласност со Законот за полиција и Кодексот на полициска етика.

Како што соопшти ЗНМ, денеска се известени дека Внатрешната контрола утврдила незаконско постапување на полициските службеници и дека тие ќе бидат соодветно казнети. ЗНМ потсетува дека соработката меѓу полицијата и новинарите е од огромна важност и таа треба дополнително да се развива.

Според претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, ваквата принципиелна практика може да помогне во градење на професионалниот однос меѓу новинари и полицијата. Додаде дека негативните случки треба да послужат како пример од кој ќе се извлече поука во насока на подобро разбирање на законските овластувања на полицијата при постапување на терен против новинарите.

-Во иднина ги повикуваме и другите членови на ЗНМ доколку се соочат со слични проблеми да се обратат во канцеларијата на Здружението на новинарите на Македонија, бидејќи имаме обезбедено бесплатна правна помош за вакви и слични прекршувања на нивните права, се наведува во соопштението на ЗНМ.