ЗНМ и СЕММ: Нема простор за сензации во медиумите кога има лични трагедии
ЗНМ и СЕММ соопштија дека со загриженост реагираат на ширењето на сензационалистички наслови и информации по сообраќајната несреќа што се случи вчеравечер во близина на трговскиот центар „Сити мол“ во која, според официјални информации, животот го загуби 25-годишна девојка.
-Објавите преку кои се прикажуваат експлицитни кадри од сообраќајната несреќа може да ја вознемират јавноста и да предизвикаат дополнителна душевна болка кај членови на семејството и блиски лица на починатите. Медиумите имаат обврска да ја информираат јавноста за информации од јавен интерес, но притоа да ја почитуваат приватноста на личноста, како и личната болка и жалост, а во согласност со членот 8 од Кодексот на новинарите според кој „начинот на информирање во случаи на семејни трагедии мора да биде ослободен од сензационализми“, наведуваат ЗНМ и СЕММ.