ЗНМ ги осуди заканите кон екипата на ТВ 24 на митингот на ВМРО-ДПМНЕ

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува агресивниот однос и вербалните закани кон новинарката Елизабета Дамјановска и нејзиниот колега снимател од ТВ 24, кој се случил за време на синиќешниот партиски митинг на ВМРО-ДПМНЕ пред владата од страна на непознато лице.
„Бараме од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ како и до останатите учесници во изборната кампања, да го осудат нападот кон колегите од ТВ 24 и вакви инциденти да не се повторуваат“, стои во соопштението.
Според изјавата од колегите на ТВ 24, за време на синоќешниот прв партиски митинг на опозициската партија ВМРО ДПМНЕ пред владата во Скопје, од страна на агресивно лице имало непријатен инцидент кој ја загрозил безбедноста на колешката Дамјановска и снимателот на ТВ 24. Лицето најпрво започнало да ја навредува и омаловажува телевизиската екипа упатувајќи погрдни зборови и пцости општо за сите новинари, а потоа ова ескалирало и со закани кон нив со што предизвикал чувство на страв и несигурност.
ЗНМ потсетува дека новинарите имаат својство на службени лица и дека напад кон новинар или медиумски работник при вршење на професионални задачи е кривично дело кое се казнува со казна затвор.
ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение го осуди секое спречување на медиумите во нивната работа, но вели дека таков инцидент не бил забележан ниту создаден од лицата кои се организатори на митингот. Оттаму велат дека е можнот тоа да биле уфрлени провокатори.
„Жалиме за навредите кон новинарската екипа на ТВ 24 и го осудуваме однесувањето на поединецот којшто упатил навреди. Истовремено, укажуваме и на атмосферата во која власта, СДС и Ковачевски започнаа хајка против медиуми, и оттука и на можноста за уфрлени провокатори за предизвикување на инцидент на првиот народен собир на ВМРО-ДПМНЕ со импозантна посетеност“, се вели во соопштението.