ЗНМ бара МВР да реагира по смртните закани за новинарот Борјан Јовановски


Смртните закани, говорот на омраза и јавното омаловажување кон новинарот Борјан Јовановски можат директно да ја загрозат неговата безбедност за што ќе биде поднесена пријава до МВР, соопшти Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

Тие најостро го осудија овој наратив кој изминатите денови се шири на социјалните мрежи.

Како што соопштија од ЗНМ, на 28 јануари, Јовановски на својот профил на социјалната мрежа Твитер напишал коментар со содржина во контекст на чествувањето на роденденот на македонскиот национален херој Гоце Делчев кој е веќе во фокусот на јавноста и кај нас и во Бугарија.

„Ваквиот коментар од страна на Јовановски, кој беше споделен и на неколку онлајн медиуми предизвика реакции на социјалните мрежи кои имаат навредлива, омаловажувачка содржина, но и смртни закани“, велат од ЗНМ.

Како што додаваат оттаму, ваквата омраза може директно да ја загрози безбедноста на новинарите, за што потои кривична одговорност и кај сторителите и кај „оние кои ги поттикнале делата од омраза“.

Од ЗНМ за овој случај најавија пријава до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР.

„Слободата на изразување потребно е да се промовира и негува како една од најважните човекови права, но истовремено потребно е да се знае дека остварувањата на овие слободи вклучуваат обврски и одговорност“, потенцираат од ЗНМ.