ЗНАМ бара од Европскиот фронт да предложи замена за Даути
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска побараа нов предлог од „Европскиот фронт“ за претседател на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади наместо Илире Даути за која во петокот помина интерпелацијата поднесена од Левица.
Пратеникот на ЗНАМ, Бобан Карапејовски во изјава за медиумите нагласи дека нелогично е Илире Даути да продолжи да ја врши функцијата по изгласувањето на интерпелацијата против неа.
– За нас, колешката Даути повеќе не може да биде претседател на оваа Комисија и „Европскиот фронт“ кој по внатрешната прераспределба и по координацијата што ја имаме направено го има добиено тоа место, треба да предложи нов кандидат за оваа функција. Ако вие го имате највисокиот демократски институт со кој можете да извршите контрола на некој што извршува јавна функција, а тоа е интерпелацијата, сосема е нелогично откако ќе изгласате интерпелација, односно ќе утврдите кај некого одговорност, дека не ги почитувал Уставот и законите или собранискиот Деловник и дека не постапувал совесно во вршењето на работата, потоа тој да може да остане на таа функција. Практично, ако со гласањето нема понатамошни обврзувачки правни последици, тогаш џабе сте утврдиле прекршок ако за тој прекршок нема санкција, рече тој.
Карапејовски посочи дека со самото тоа што утврдениот прекршок е дека Даути го има прекршено Деловникот, тоа значи дека соодветната санкција би било дека таа веќе не може да ја извршува функцијата претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади.
– Замислете да имате интерпелација за работата на Владата или за некој министер, таа да се изгласа и од утредента како ништо да не се случило да може да продолжи да ја извршува таа функција. И да не е правно обврзувачки, во најмала рака е морално сомнително некој да може да остане и понатаму да ја извршува таа функција, рече Карапејовски.
Во Собранието во петокот не поминаа четирите интерпелации за работата на владините функционери. Беше поддржана само интерпелацијата за претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, поднесена од Левица, со 61 глас „за“, 22 против и без ниту еден „воздржан“. Собранието констатира дека наводите во интерпелацијата се основани. На седницата не присуствуваа пратениците од СДСМ, а против гласаа и од Вреди.
Интерпелацијата за Даути во ноември ја поднесе пратеничката група од Левица поради тоа што таа, како што беше посочено на седницата во петокот, со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочела Законот за бранители поднесен од опозициската СДСМ со тоа што не го ставила на дневен ред на Комисијата со која претседава.