Знае Трамп зошто на пингвините и фоките им наметна царини

Американскиот министер за трговија ја бранеше одлуката на САД да воведат царини на група ненаселени острови каде живеат само пингвини и фоки. Станува збор за, да потсетиме, австралиската територија која се наоѓа во јужниот дел на Индискиот Океан, на околу две третини од патот од Мадагаскар до Антарктикот.
Тарифите на островите Херд и Мекдоналд беа воведени, рече Хауард Лутник за CBS, за да се „затворат апсурдните дупки во системот“ и да се спречат другите земји да испраќаат стоки преку островите за да стигнат до САД.
Инаку, островите се едно од најоддалечените места на земјата и немаат постојани жители, но на нив живеат голем број пингвини, фоки и морски птици. Според податоците на Светската банка, Европската унија веќе применува царини на овие острови.
Процесот на трансфер на производи од едно до друго пристаниште е вообичаен во глобалната трговија. Организацијата Pew Charitable Trusts објаснува дека оваа стратегија овозможува прикривање и манипулирање на потеклото производите. Преку овој метод секоја година нелегално се се префрла пацифичка туна во вредност од стотици милиони долари.
Иако не се населени, Херд и Мекдоналд во 2022 година извезувале „машински и електрични“ производи во САД во вредност од 1,4 милион долари, според Светската банка.
На списокот на Трамп е и Територијата Британски Индиски Океан. Иако таму има само мала воена база и не е дозволен пристап без специјална дозвола, од оваа територија во 2022 година биле извезени производи во САД во вредност од 414.350 долари.
За Херд и Мекдоналд и за Територијата Британски Индиски Океан денес се на сила царини од 10%.