Знаци дека вашето дете може да биде егоистично


Многу родители се загрижени дека нивните деца развиле чувство како светот треба да се врти околу нивните потреби и желби. Како што објаснуваат психолозите, иронично е тоа што родителите често преку своите постапки несвесно поттикнуваат на ваквото размислување и однесување кај своите деца.

Најчесто тоа се случува кога им удоволуваат дури и во најмалите работи, прават сè за нив, или, пак, никогаш не очекуваат тие да преземат одговорност за своите постапки.

Но, како да препознаеме дали нашето дете се однесува егоистично или не? Ова се индикациите кои би можеле да укажат дека одгледуваме мал егоист, велат психолозите.

Никогаш не го прифаќа зборот „не“ како одговор
Во повеќето ситуации, детето кое е егоистично тешко го прифаќа зборот „не“, а ако го слушне, најчесто реагира со излив на гнев или бес. Овие деца размислуваат на начин дека само тие се во право, а доколку нешто не е како што замислиле – се чувствуваат фрустрирани, лути или разочарани.

Постојано сака да биде во центарот на вниманието
Доколку однесувањето на детето постојано е насочено кон барање внимание и одобрение од другите, психолозите тврдат дека тоа би можело да биде егоистично дете. На сите ни е потребно одобрение понекогаш, но децата кои се окупирани само со себеси, подготвени се да направат сè што е потребно како би биле приметени од другите.

Никогаш не е задоволно со она што го има
Егоистичните деца никогаш не се задоволни со работите што ги имаат. Наместо да бидат среќни и благодарни за она што го имаат, големиот дел од малечките егоисти секогаш сакаат повеќе и повеќе – што всушност создава еден „маѓепсан“ круг.

Секогаш е нетрпеливо
Психолозите тврдат дека егоистичното дете честопати покажува карактеристики на нетрпелив поединец. Бидејќи детето со егоистична природа мисли дека сè би требало да добие прво, доколку мора да чека, тоа може да резултира со бес или тантрум. Сите нешта кои ги сака малиот егоист, очекува веднаш да ги добие – тој нема време да чека.