Значително подобрена ситуацијата со пожарот во Сивири – изгорени 350 хектари површина
Ситуацијата со пожарот во Сивири на првиот крак на Халкидики утрово е значително подобрена, нема активен пожарен фронт, но на повеќе места има расфрлани жаришта и продолжува без прекин интервенцијата со учество на над 200 пожарникари за целосно да се изгасне огнената стихија што досега зафати површина од околу 350 хектари, а македонска туристка, која летува во Фурка во разговор со дописничката на МИА од Атина раскажува дека вчера веднаш биле евакуирани од хотелот.
Пожарот избувна вчера околу 14 часот, поради брзото ширење беше целосно евакуирано туристичкото место Сивири, а преку специјална платформа, од хотелиерите од Халкидики и Солун, беше обезбедено сместување за погодените граѓани и туристи.
Според информациите од противпожарната служба на Грција, битката на пожарникарите што траеше во текот на целата ноќ, даде многу добри резултати, утрово ситуацијата е значително подобрена и се гаснат помали жаришта, додека силите остануваат во зголемена готовност поради прогнозите за силен ветер и во текот на денешниот ден.
Халкидики пожар
Противпожарните сили синоќа беа дополнително зајакнати и интервенираат 227 пожарникари со 13 пешадиски тима и 57 возила, меѓу кои 12 пожарникари со три возила од Молдавија, кои се наоѓаат во Грција во рамките на програмата преку европскиот механизам за цивилна заштита.
Со првите зраци на сонцето започнаа и интервенциите од воздух, додека пак на терен се и цистерни од општината, како и стотици пожарникари волонтери.
Со чамци и бродови на крајбрежната и противпожарната служба, со приватни и рибарски чамци, но и со траект што сообраќа од Солун до островите од групата Споради, како што вчера објави МИА, вкупно 481 лице, туристи и жители успешно, по морски пат беа евакуирани од Сивири.
Според податоците од крајбрежната служба на Грција, 285 лица од плажата во Сивири беа безбедно пренесени во марината во Сани, додека пак 196 лица со траектот „Спидранер“ што сообраќа од островите Скијатос, Скопелос и Алонисос беа префрлени во Солун, а на пристаништето ги пречекаа претставници на грчкиот Црвен крст, но и автобуси.
Пожарот избувна околу вчера околу 14 часот по локално време и брзо се прошири, а од бројот 112 за итни случаи беа испратени четири пораки до оние кои се во поширокиот регион, а три беа за евакуација на Сивири и Фурка.
Сивири беше целосно евакуирано, а порака за евакуација поради пожарот добија и сите оние кои се наоѓаат во Фурка, меѓу нив и македонска туристка, која за МИА раскажува дека биле евакуирани во центарот на селото, повеќе часови биле без струја и интернет, но во вечерните часови им било дозволено да се вратат во хотелот со препорака да бидат во состојба на готовност.
– Хотелот каде беа сместени македонските туристи брзо реагираше и веднаш нѐ евакуираше во центарот на селото. Посебно испаничени беа туристите со мали деца. Исто така можам да ја пофалам и агенцијата преку која летувам. Веднаш испрати автобус, во случај повторно да се разгори огнот веднаш да н врати во Македонија. Од плажата во Фурка се гледаше чадот и три хеликоптери што полнеа вода од морето, а исто така надлетуваа и дронови, раскажува туристката.
Халкидики пожар
Евакуацијата на Сивири беше особено тешка, бидејќи практично постои еден главен патен правец за излез од првиот крак на Халкидики, што доведе до создавање големи колони и сериозни сообраќајни проблеми, а оние кои не го напуштија местото по копнен пат, беа евакуирани од плажа, земајќи ги со себе само основните неопходни работи.
Според противпожарната служба на Грција, како што јави дописничката на МИА од Атина, вчерашната операција имала дополнително зголемен степен на сложеност, поради тоа што пожарот избувна и се движеше низ густо изграден дел од Халкидики, со станбени и туристички објекти и голем број граѓани поради летната сезона и затоа главен оперативен приоритет од самиот почеток беше заштитата на човечките животи и имотот, паралелно со напорите за ограничување на ширењето на пожарот.
Во однос на обемот на вчерашниот пожар, процените се дека изгорел околу еден процент од вкупната површина на општина Касандра.
Површината на првиот крак на Халкидики, изнесува околу 33.400 хектари, а според процените од противпожарната служба на Грција изгорената површина не надминува 350 хектари.
Откако целосно ќе биде изгаснат пожарот, ќе се процени и предизвиканата штета, а веќе постојат информации дека зафати куќи и паркирани автомобили.