Злоупотребата на Конески: Весна Мојсова-Чепишевска – Јасноста и простотата не е простотилак


Во актуелниот миг, исполнет со меѓународно-политички искушенија за постоењето на македонскиот јазик, но и политичката (зло)употреба на домашен терен, 2021 година е посветена на Блаже Конески, зашто нашата култура денес и секоја помисла на Македонија со право се врзуваат со името на Конески, бидејќи тој ги осветлуваше и афирмираше пред своите современици и пред лицето на современиот свет, суштината на македонското битие, основните белези негови, израз и потврда на неговото историско постоење и на неговата иднина: јазикот и културата, како што ќе забележи акад. Матеја Матевски.

Кога по повод Денот на поезијата и УНЕСКО во Париз му оддава почит на Блаже Конески, одбележувајќи ја 100-годишнината од неговото раѓање, потребно е да се потсетиме на неговите значајни мисли за јазикот и името – македонски. Имено, дека македонскиот јазик е нашата „единствена неподелена татковина“, а нејзиното име – Македонија е „големо и ќе сакаат да ни го земат“! И навистина, сè што предвиде, се случи! И доколку би бил жив, сигурно повторно би воскликнал: „Како се измеша веков, косата да ти се крене!… Како да не бидам тажен штом гледам што е нашево сега, нашено минато“, ќе напише историчарката Наташа Котлар, инспирирана од чествувањето.

„Еднаш во векот се раѓаат ваквите луѓе. Среќни сме како народ што божјата добрина ни го подари за да имаме и ние со што да се пофалиме, со што да се гордееме. Со него сме свет во светот на културата и на духовниот престиж. Алем-камен е тој во дијадемата на нашата нација“, ќе забележи знаменитиот Гане Тодоровски.

Зошто Конески чиј живот и дело се судбински врзани и со раѓањето на македонската државност, е постојана мета на политичка злоупотреба паралелно со чествувањето на неговата поезија и најубавите стихови во слава на нашиот национален идентитет, за „Независен“ пишуваат македонски автори и универзитетски професори, изучувачи и промотори на неговото дело.

 

Весна Мојсова-Чепишевска: Јасноста и простотата не е простотилак

„Помислата на иднината нè мачи,                                                                                                                             а минатото нè влече назад                                                                                                                                             и поради тоа сегашноста ни се лизга од рацете“                                                                                               (Г. Флобер)

Оваа максима за проклетството на времето на францускиот писател Флобер може да го објасни во најдобар случај проклетството на постојаната борба за докажување на македонскиот идентитет. Имено, сеќавањата секогаш се поинтензивни таму каде што за некои сè уште се проблематични нечии идентитети. Оттаму и силната потреба да се пишува за некого или за нешто по повод некои јубилеи кои ги одбележуваат клучните точки во конкретната литература и култура. Како што е оваа 2021 како година на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на великанот Конески. Неоспорно е дека нашиот предан учител Блаже Конески остави свој печат во поезијата и поетиката, во граматиката и општата лингвистика, во историјата на јазикот, литература и културата. „Делото на Конески содржи такви ‘упатства’ и такви ‘импулси’ кои по јасен и енергичен  начин ја упатуваат македонистиката кон Европа и светот“, ќе истакне Атанас Вангелов во беседата „Проштевање од Конески“.

Песната „Тешкото“ од збирка „Земјата и љубовта“ објавена 1948, истата година кога излегува и онаа значајна студија „По повод на најновиот напад на нашиот јазик“, е вистински пример за моментот на „неповторливост“. Во неа како да е собрана сета експресија, сета симболика, сета со векови акумулирана семантика која ја носи и ја буди највозбудливото и уметнички (музички, но и изведувачки) најсилното македонско оро. Секако, една од кулминациите на орото е кога ороводачот се качува на тапанот во изразита акробатска поза што со текот на времето стана синоним на „Тешкото“, како што пишува музикологот  Марко Коловски во својата книга „Ill’infinito (есеи за македонската музика)“. Токму ороводецот го носи моментот на „неповторливост“ на знакот во јазикот на играта (орото). Се знае дека ова оро не можеле и не можат да го играат сите. Го играле (го играат) надарените членови на заедницата (а потоа и на културно уметничкото друштво) кои со овој чин на игра стекнувале посебен углед. Притоа ороводецот морал да биде оној најдобриот од нив. Но за жал, најголем број од тие што го воделе „Тешкото“ останале анонимни сè до половината на минатиот век кога веќе се појавуваат и првите пишани и видеоматеријали за некои од нив.

„Тешкото“ е сосема оригинален и неповторлив модел во македонското духовно творештво. Тоа спаѓа во категоријата на т. н. „тешки“ ора, какво што се и „Чифте чамче“ или „Арамиско“. Со инструментариумот, па и со инструменталните исполнителски манири познати и во други македонски ора од оваа група, „Тешкото“ е посебен и уникатен случај во фолклорната практика од Македонија. Таков модел на оро не можете да најдете кај другите јужнословенски и балкански народи. Дури ни кај соседите. Се одликува со силна експресија и со изразени социјални, симболички и културни функции. Порано се играло во разни пригоди и најчесто кога требало да се манифестира некоја тешкотија како што е на пример заминувањето на печалба, но и на собири по повод разни празници и свадби со сосема експлицитни обредни функции. Така со почит и со гордост може со сигурност да се каже дека тоа не е израз на определени влијанија. Поточна би била констатацијата дека „Тешкото“ со сите свои аспекти извршило влијанија врз другите ора, и, што е сосема егзактно, врз современите уметнички дела на македонските творци од повеќе уметнички жанрови, вели Коловски.

Сето ова интуитивно го имал предвид и Конески додека ја пишувал својата песна. Токму затоа таа, како поетска слика на ова македонско оро, може да се чита како неповторлив модел на македонското современо/модерно поетско творештво. Зашто како што се знае дека ова оро е исклучително машко оро и дека не може да го играат сите, поточно дека го играле (го играат) само надарените членови на заедницата (културно уметничкото друштво), така и Конески како да почувствувал дека токму тој е предодреден/надарен да ја одигра предводничката, ороводната улога во современата македонска литература и култура. Не случајно во овој контекст и грчкиот писател Костас Валетас ја истакнува перцепцијата дека во својата земја тој се смета како еден вид мудрец и патријарх на македонското писмо. А самото тоа што ова оро е бавно, воздржано, достоинствено како да му одговара на сензибилитетот на поетот во самиот Конески, а хармонијата меѓу емоционалната напрегнатост и телесните движења додека се игра како да се во дијалог со онаа позната синтагма на Конески „проста и строга песна“. Тој како да ја продолжува линијата на врвните ороводци, на своите уметнички татковци/претходници и ја зацврстува вертикалата Глигор Гугулоски – Рафе Жиковски – Дојчин Матевски. Таа културна вертикала доживува и една своевидна уметничка кулминација во интерпретацијата, во виртуозноста на неговото поетско писмо.

И, така, преку особината „неповторливост“ (со изборот токму „Тешкото“ да го земе како тема и инспирација) и особината „дикција“ (низ формата десет строфи од осум стиха во дванаесетерци), Конески го дефинира идентитетот на својот поетски текст „Тешкото“, а со тоа и идентитетот на својата поетика, но и на поетиката на современата македонска литература и култура. Затоа кога Конески го отвора своето срце и топло разговара со Цане Андреевски кажува така како што чувствува. Па вели: „…песната треба да биде доведена до проѕирен израз и да кажува нешто многу сериозно“, притоа нагласувајќи дека треба „да се разбере дека јасноста и простотата не е простотилак, ами дека треба голем напор за да се дојде до тој резултат. И дека е тоа комплицирана јасност во смисла на постигањето, на нејзиното постигање, дека треба цел ред мисловни операции да доведат до една таква проѕирност“. Во ова, како да се чита и аманетот на самиот Конески никој да не го злоупотребува неговото поетско писмо за некакви политички поени зашто тогаш простота/едноставноста на тоа негово писмо ќе се злоупотреби и ќе премине во простотилак. А тоа е она што најмалку го сакал самиот тој. Тоа е она што најмалку го сакаме и сите ние што знаеме малку повеќе од останатите достојно да го читаме и толкуваме великиот Конески.

И за крај повторно да се повикам на зборовите на грчкиот писател Костас Валетас искажани во воведната реч кон изборот од поезијата на Конески на грчки (Атина: Емос, 1979). Тој вели дека Конески е поет на осаменоста и на тагата, тој е поет кој умее да господари со овие две мачни но човечки чувства, давајќи им филозофска проекција. Така што нека останат и таму каде што треба – во доменот на македонската, но и на европската литература и култура.

(Весна Мојсова-Чепишевска e професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“)