Злокобната судбина на руските олигарси
Смртните случаи на трагично починатите руски богаташи се уште се мистериозни, бидејќи не се знае дали се поврзани со некои лични причини, уцени или носат државна трага, како што сметаат западните медиуми
Уште една смрт на екстремно богат Русин од висок ранг од почетокот на војната во Украина ја заинтригира јавноста. Индиските полициски власти објавија дека ја истражуваат смртта на рускиот локален пратеник и бизнисмен Павел Антов, кој почина минатиот викенд во хотел во источната индиска држава Одиша.
Според досегашните сознанија, Антов (65) починал откако паднал од тераса на луксузен хотел. Индиската полиција соопшти дека засега ништо не е сомнително, но продолжи со увидот бидејќи се работи за висок странски државјанин. Како што јави „Азија њуз интернешнал“, за случајот е информирана руската амбасада во Делхи и е во контакт со локалните власти. Антонов се збогатил во месната индустрија со основањето на компанијата „Владимир Стандард“, а бил и претставник на владејачката партија Единствена Русија во градот Владимир.
Но, трагичните околности и контроверзи поврзани со овој случај не завршуваат тука. Индиската полиција соопшти дека Антов пристигнал во Одиша во средината на декември, а на почетокот на минатата недела се пријавил во хотелот со уште тројца руски државјани, со намера да го прослави својот роденден. Смртта на Павел Антов следеше само два дена откако неговиот пријател Владимир Баденов (61) доживеа срцев удар во истиот хотел и почина по неуспешната реанимација.
Западните медиуми го поврзуваат овој трагичен случај со неговото противење на војната во Украина и ја цитираат објавата на Антонов на Интернет во која тој ги критикува руските ракетни напади во јуни. Тој наводно напишал: „Девојката е извлечена од под урнатините, нејзиниот татко е убиен“. Мајката била извлечена од под плочата со помош на кран. Да се каже вистината, исклучително е тешко ова да се нарече поинаку освен терор“. Тој наводно набрзо ја избришал објавата од социјалната мрежа откако се соочил со коментарите, нарекувајќи ја „несреќно недоразбирање“.
Поради оваа објава, смртта на Антов се додава на листата на трагично починати руски богаташи, од кои повеќето биле поврзани со големи руски компании. Тие смртни случаи се уште се мистериозни, бидејќи не се знае дали се поврзани со некои лични причини, уцени или носат државна трага, како што сметаат западните медиуми.
Само неколку дена претходно, на 24 декември, почина и Александар Бузаков, генерален директор на големо руско бродоградилиште специјализирано за изградба на подморници кои носат крстосувачки ракети „Калибар“, кои сега се користат во војната во Украина. Причината за смртта не е соопштена.
Во септември, Иван Печорин, главниот менаџер на Корпорацијата за развој на далечниот исток и Арктикот, беше пронајден мртов во Владивосток. Руските медиуми објавија дека Печорин се удавил во близина на Кејп Игњатиев во Јапонското Море. Исто така, во септември, претседателот на најголемата руска приватна нафтена компанија, Лукоил, Равил Маганов, беше пронајден мртов откако падна од прозорецот на болницата во Москва. Неговата смрт официјално се смета за самоубиство бидејќи се лекувал од тешка болест.
Во јули, рускиот милионер Јуриј Воронов, поврзан со Гаспром, беше пронајден мртов со прострелна рана во главата во базенот на неговата вила во луксузно предградие на Санкт Петербург. На дното на базенот се пронајдени уште неколку чаури, а истрагата е насочена кон расправија со деловните партнери, кои според сопругата на Воронов „го измамиле за многу пари“. По оваа смрт, медиумите наведуваат дека поради други трагични случаи во вили на пребогати сопственици во близина на Санкт Петербург, убиствата се исценираат како самоубиства.
Во мај, Александар Суботин, поранешниот топ менаџер на Лукоил, беше пронајден мртов во куќата на шаманот. Истрагата утврдила дека Суботин доживеал срцев удар. Медиумите објавија дека тој ден претходно пристигнал во куќата на шаманот во тешко алкохолизирана и издрогирана состојба и дека дошол во потрага по лек за мамурлакот во кој наводно имало отров од крастава жаба.
Поранешниот потпретседател на Гаспромбанка, приватна филијала на Гаспром, Владислав Аваев (51), беше пронајден мртов со прострелна рана во својот стан во Москва во април, заедно со сопругата и 13-годишната ќерка. Станот на Авајес бил заклучен одвнатре, а инспекторите констатирале дека тој ги застрелал сопругата и ќерката, а потоа се самоубил.
Милионерот Сергеј Протосенија (55) со богатство од повеќе од 433 милиони долари, исто така во април беше пронајден обесен во изнајмена луксузна вила во Шпанија, а телата на неговата сопруга и 18-годишната ќерка беа пронајдени со убодни рани. Каталонската полиција навела дека се работи за убиство и самоубиство. Сепак, поранешната компанија на Протосења, Новатек, голема руска компанија за природен гас, фрли сомнеж во таа теорија, а синот Федор рече дека неговиот татко никогаш немало да ги повреди мајка му и сестра му.
Милијардерот Василиј Мелников беше пронајден мртов во неговиот стан во Нижни Новгород на 23 март. Со нож се избодени и неговата сопруга и двајцата малолетни синови. Мелников бил сопственик на компанијата за набавка на медицинска опрема „Медстом“.
Во февруари, извршниот директор на Гаспром, Александар Тјуљаков (61) беше пронајден обесен во гаражата на стан во близина на Санкт Петербург, а олигархот со украинско потекло Михаил Ватфор (се збогатил преку трговија со нафта и гас) во гаражата на неговата куќа во Сари, Велика Британија. Уште еден директор на Газпром, Леонид Шулман, е пронајден мртов во вилата во јануари. До него имаше проштална белешка, но постои сомнеж во нејзината автентичност.