„Златни пасоши“: ЕУ започна постапка против Кипар и Малта

Европската комисија денеска започна постапка против Кипар и Малта поради моделот според кој тие даваат државјанства во замена за инвестиции, кој уште се нарекува модел на „златен пасош“

 

Комисијата на ЕУ во образложението на одлуката истакна дека давањето на овие државјанства, а со самото тоа и на ЕУ-државјанство, во замена за однапред одредено плаќање или инвестиција и без вистинска врска со овие две членки, не е во согласност со Договорот на ЕУ.

Во таквите шеми, исто така, се подрива и интегритетот на статусот за државјанство во ЕУ предвиден со Договорот за функционирање во ЕУ. Овие шеми, поради природата на ЕУ-државјанството имаат последици врз Унијата во целост, оцени Европската комисија.

Zypern Reisepass (Getty Images/AFP/H. Mroue)

„Кога една членка му доделува државјанство на некое лице, тоа автоматски станува државјанин на ЕУ, и ги ужива сите права со тој статус, како што се правата на движење, престој и работа ширум Европа или правата да гласа на локални избори, како и на изборите за Европскиот парламент“, стои во соопшението на ЕК.

Последица, како што се наведува, е тоа што ефектите од шемата на давање државјанство за инвестиција не се ограничени на членката која ја имаа оваа шема, ниту се неутрални во однос на другите членки на ЕУ и Унијата во целост. Комисијата истакна дека таквите шеми ја подриваат суштината на ЕУ-државјанството.

Malta Reisepass von Blogger Manuel Delia (DW/A. de Loore)

Владите на Кипар и на Малта сега имаат рок од два месеца да одговорат на формалното известување од Комисијата. Ако нивните одговори не бидат задоволувачки, Комисијата може да објави образложено мислење за прашањето од постапката. (Дојче веле)