Златни монети на Келтите украдени од германски музеј, вредат милиони

Крадците ги отсекле телефонските и интернет врските со градот Манчинг во Баварија и украле 450 монети од третиот век пред нашата ера


 

Крадци украле цел куп келтски монети вредни неколку милиони евра од германски музеј, откако очигледно ги прекинале локалните телефонски и интернет врски.

Вработените во музејот во Манчинг во вторникот откриле дека е „скршена витрина“ и дека колекцијата од 450 монети била украдена, изјави локалната полиција за АФП.

Инспекторите не дадоа други детали за околностите околу грабежот, но локалните власти истакнаа дека има прекин на телефонските и интернет услугите.

„Тие го отсекоа целиот Манчинг“, изјави градоначалникот Херберт Нерб за „Зидојче цајтунг“. „Музејот е всушност локација со висока безбедност. Но, сите врски со полицијата беа прекинати“.

„Тука работеа професионалци“, додаде Нерб. Исчезнувањето на богатството е „целосна катастрофа“ за баварскиот град, рече тој.

Колекцијата на златни монети е врв на келтскиот и римскиот музеј во Манчинг. Откриени во 1999 година, монетите датираат од третиот век пред нашата ера и имаат вредност од „неколку милиони евра“, според полицијата.

„Загубата на келтското богатство е катастрофа“, изјави министерот за наука и уметност на Баварија, Маркус Блуме, за германската новинска агенција ДПА. „Како доказ за нашата историја, златниците се незаменливи“.

Кражбата на монети е последната во серијата грабежи на музеи од висок профил во Германија.

Во друг нумизматички грабеж, „големиот јаворов лист“, кој се смета за втор по големина златник во светот, беше одземен од престижниот музеј Боде во Берлин во 2017 година.

Крадците, исто така, однесоа 21 парче накит и други вредни предмети во дрскиот ноќен напад во музејот Green Vault во Кралската палата во Дрезден во ноември 2019 година.

Властите веруваат дека членовите на познато криминално семејство го извршиле тој грабеж. Од накитот нема ни трага, меѓу кои има меч со рачка обложена со дијамант.

Експертите за осигурување рекоа дека пленот на Green Vault вредел 113,8 милиони евра, а германските медиуми го нарекоа најголемиот грабеж на уметност во модерната историја. (АФП)