Златна „Камера 300“ за кинематографот Рубен Импенс

ИФФК „Браќа Манаки“ на големата сцена во НУ Центар за култура-Битола додели специјална „Камера 300“ на една од легендите во кинематографијата Џон Метисон


 

Рубен Импенс, белгискиот кинематограф во италијанскиот игран филм „Осумте планини“ е годинешен лауреат – освојувач на златна „Камера 300“ на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Меѓународното стручно жири вечерва во Битола не штедеше зборови за професионалниот пристап и мајсторството на Импенс, кој се издвои со својот квалитет и моќта на камерата во неговите раце. Второто по ранг одличје на ИФФК „Браќа Манаки“ годинава отпатува за Италија, затоа што добитничка на сребрена „Камера 300“ е Италијанката Дарија Д’Антонио, додека бронзена „Камера 300“ беше доделена на кинематографот Хидетоши Шиномија од Јапонија.

ИФФК „Браќа Манаки“ на големата сцена во НУ Центар за култура-Битола додели специјална „Камера 300“ на една од легендите во кинематографијата Џон Метисон, а високото фестивалско признание синоќа го врачи министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

 

– Апсолутно сум воодушевен што сум тука и затоа што ова е единственото место во светот каде што се чувствува нашата работа. Вие го направивте фестивалот „Браќа Манаки“ таков како што доликува. Успевате да не промовирате нас како кинематографи но и самата филмска камера како нешто што заслужува голема важност, истакна кинематограферот Метисон и додаде дека визуелниот јазик секој го разбира и тоа е така уште со првите слики на браќата Манаки кои сите ги разбираат.

Според востановената традиција. награди се доделија во категориите документарна програма, а железна „Камера 300“ му припадна на кинематогареферот Саша Кулак од Франција, во категоријата краткометражен филм мала „Камера 300“ доби кинематограферот Шад Чабан, а посебно признание и беше доделено и на кинематограферката Жоана Пимента од Бразил за нејзиниот придонес во документарниот филм „Гори сува земја“.

Годинава  првпат награда се додели и во категоријата студетнска програма, а со одлука на жирито првата златна „Камера 300“ ја добија кинематограферите Симоне Харт и Кристијан Нојбергер од Филмската академија во Виена.