Златна „Камера 300“ за кинематограферот Јани-Петери Паси од Финска


Кинематограферот Јани-Петери Паси од Финска во чии раце беше камерата за филмот „Купе број 6“ е годинешен добитник на златната „Камера 300“ што ја доделува жирито на ИФФК „Браќа Манаки“.

Годинешениот лауреат во видео обраќање истакна дека е почестен и изненаден од највиското фестивалско признание.

– Благодарам на сите што го гледаа филмот, благодарам на новинарите, на жирито, благодарам што ми овозможивте да ми се случи нешто убаво. Во оваа прилика им честитам на сите колеги што учествуваа на фестивалот и се надевам дека следната година ќе се видиме и сретнеме во Битола, рече меѓудругото Јани-Петери Паси, кој е втор кинематографер во историјата на фестивалот што по втор пат добил златна „Камера 300“.

Со одлука на меѓународното жири, сребрената „Камера 300“ му припадна на данскиот кинематографер Каспер Туксен, додека пак бронзена „Камера 300“ жирито додели на Рубен Импенс, кинематографер во францускиот филм „Титаниум“.

ИФФК „Браќа Манаки“ ја продолжи востановената традиција и додели мала „Камера 300“ за кинематографер кој учествувал во снимањето на краткометражен филм. Со одлука на жирито ова одличје и припадна на кинематограферката Жоана Силва Фернандес која е дел од тимот на филмот „Низ маглата“.

-И покрај се, успеавме да ја продолжиме магијата и да ја отсонуваме нашата приказна. По доаѓањето во вашето и наше прекрасно пристаниште – Битола, како одеднаш  да запреа сите бури и ветрови што дотогаш жестоко ни се закануваа нам, и на нашиот фестивалски брод. По 16-ти септември нашата пловидба стана мирна и одеднаш со битолската публика минавме шест беспрекорни денови со извонредна програма, офф-програма, дружење до деца кои гледаа детски филм, прес конференции…се течеше како што човек може да посака, истакна директорот на фестивалот Симеон Мони Дамески на затворањето на 42. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.