Златен луксуз на Интернет: Диор инспириран од тарот карти праќа порака на утеха


Франција – Раскошни златни фустани украсени со хороскопски знаци и симболи од тарот карти внесоа мистика во креациите на Кристијан Диор за сезоната пролет-лето 2021 на почетокот на Неделата на висока мода во Париз, со дигитални ревии на уникатни брендови поради кризата со Ковид-19.

Една од најочекуваните ревии на годишниот моден календар се одржа без вообичаените турканици и барање помани, бидејќи брендовите ја заменија пистата со проекции на Интернет.

Во еден чуден филм сместен во замок во стилот на бајките, дизајнерката на Диор, Марија Грација Кјури обезбеди сјај и злато со тоалети кои комбинираа ламе со кадифе.

Колекцијата беше инспирирана од тарот карти . Кјури изјави дека сакала да ја истражи магијата и утехата што таротот картите може да ја понудат во годината со пандемија, што ги уништи животите и индустриите на глобално ниво, додека многу нации се уште се наоѓаат под блокада за да се контролира болеста.

„Може да ви помогне да не се плашите од нешто што не го знаете, тоа е толку несигурно“, рече Кјури за референците за тарот во едно интервју. Картите често се користат за претскажување на среќа, тема истражена во филмот „Диор“, во режија на Италијанецот Матео Гароне.

Кјури рече дека Диор напредувал со својата колекција со цел да им даде поттик на некои индустрии што зависат од модните недели.

“Се обидовме да го искористиме најдобро за синџирот на снабдување. Мора да ја одржиме традицијата на рачен вез во Париз”, рече Кјури.

Врвните брендови како Шанел треба исто така да ги презентираат своите колекции за висока мода на Интернет. Скијапарели, чиј тексашки дизајнер Даниел Роузбери ја облече Лејди Гага на инаугурацијата на Џо Бајден за претседател на САД минатата недела, претходно во понеделникот ги покажа тоалетите во беж боја со преголеми обетки и фустани во стил на супер херои. (Ројтерс)