Венеција: Златен лав за американскиот „Номадленд“ на режисерката Клое Жао


Италија-Американскиот филм „Номадленд“ на кинеската режисерка Клое Жао го доби Златниот лав на Венецискиот филмски фестивал, кој заврши синоќа. 77. издание на Мостра се одржа во физичка форма, и е прв од големите фестивали кои се вратија во киносалите од почетокот на коронакризата.

„Номадленд“, еден од најочекуваните филмови на американската независна сцена во кој игра oскаровката Франсис Мекдорманд, е награден од жирито на чело со австралиската оскаровка Кејт Бланшет. Триесет и осумгодишната кинеската режисерка Жао која работи во САД е прва жена добитничка на престижната награда после 10 години. Филмот е по книгата „Номадленд: Да се преживее Америка во 21. век“ на Џесика Брудер. Мекдорманд го игра ликот на Ферн, која по пропаѓањето на компанијата во рурална Невада ќе тргне на пат со комбе истражувајќи го неконвенционалниот живот на современ номад. Ова е трет филм на Жао, имаше светска премиера вчера во Венеција, истиот ден играше и на фестивалот во Торонто, а во октомври ќе игра и во Њујорк. Филмот доби одлични критики, особено за Мекдорманд и веќе се смета за кандидат за Оскар. Следен филм на Жао е „Вечните“ на Марвел кој излегува во февруари 2021.

Јапонецот Кијоши Куросава доби Сребрен лав за најдобра режија за филмот „Жена на шпион“, Британката Ванеса Кирби е најдобра актерка за улогата во „Делови од жена“ на Корнел Мундрузо, а Италијанецот Пјерфранческо Фавино најдобар актер за „Оче наш“ на Клаудио Ноче.

Мостра отвори на 2 септември со „Лачи“ на Даниеле Лукети, а во конкуренцијата за наградата беа 4 италијански филмови, „Сестрите Макалузо“ на Ема Данте, „Госпоѓица Маркс“ на Сузана Никјарели, „Оче наш“ на Клаудио Ноче и еден од најочекуваните филмови на документаристот венециски лауерат Џанфранко Роси „Ноктурнал“, снимен среде деструкцијата во Сирија.

Во конкуренцијата за Златен лав беа и рускиот автор Андреј Кончаловски кој ј освои Специјалната награда на жирито за „Драги другари“, унгарскиот Корнел Мундруцо, полската Малгоржата Шумовска, иранскиот Маџид Маџиди, јапонскиот Кијоши Куросава, израелскиот Амос Гитаи и Босанката Јасмила Жбаниќ.(СКД.мк)