ЗКЛМ: Ги почитуваме сите стандарди за безбедност на македонското небо


Илустрација
Здружението на контролорите на летање (ЗКЛМ) во соопштение ги демантира информациите во дел од медиумите во однос на безбедноста на македонското небо и уверува дека ги почитуваат и исполнуваат сите стандарди за безбедно водење на воздухопловите во македонскиот воздушен простор.

-Оваа доверба е искажана и од самите авиокомпании кои досега извршиле преку 91.000 летови во нашиот воздушен простор. Апелираме да не ја поврзувате безбедноста со актуелните политички случувања за односите во управниот одбор на М-НАВ и Владата чиј што епилог и ние како професионалци сме заинтересирани соодветните институции што побрзо да го разрешат, стои во соопштението.

Во контекст на тоа, ЗКЛМ наведува дека не е точна информацијата оти авионот на „Туркиш ерлајнс“ на 5. месецов пробал да слета пет пати во Скопје, туку, како што соопштуваат, напротив не пробал да слета ниту еднаш.

– Поради лоши временски услови, на барање на пилотот, бил испратен да орбитира во област каде бил безбеден. Ова е стандардна процедура, бидејќи кога пилотите на радарите за метеоролшки непогоди, кои се вградени во нивните авиони, ќе видат дека не можат да летаат во одреден простор самите бараат да летаат кон според нив безбеден воздушен простор. Временските прилики не се подобриле во рамките на временскиот интервал дозволен за чекање и поради тоа пилотот одлучил да се врати во Истанбул. Не слетале во Охрид бидејки пред секој лет се поднесува план за летање во кој меѓудругото се наведува и каде би слетал авионот доколку не може да слета на аеродромот за каде полетал. Во овој случај бил наведен аеродромот во Тирана или да се врати во Истанбул од каде што полетал. Пилотот одбрал да се врати во Истанбул бидејќи конечните одлуки за текот на секој лет ги донесува капетанот на воздухопловот, се вели во соопштението.

Контролата на летање, истакнува Здружението, е професија која има многу специфични и јасно дефинирани процедури и правила кои вработените во целост секојдневно ги почитуваат и следат. Поради оваа специфичност во многу наврати во јавноста се пренесуваат ставови кои се базираат на погрешно или лаички протолкувани податоци и непотребно се вознемируваат граѓаните, особено оние кои патувањето со авион го доживуваат како стресна ситуација, соопштува ЗКЛМ и упатува за сите настани поврзани со контролирање на воздушниот простор да се проверуваат фактите и да се добива објаснување од релевантни организации како М-НАВ АД Скопје или Здружение на контролорите на летање.