ЗК „Пелагонија“ реагира на откупната цена на пченицата, смета дека е нереално ниска
ЗК „Пелагонија“ денеска реагираше на најавата за откупната цена на пченицата од годинашната реколта.
„Во услови кога сточното брашно има цена од 12 денари за килограм, несватлива и нереална е најавата од млиновите во Македонија дека пченицата од годинешната реколта ќе ја откупуваат по цена од 9, 10 и 11 денари. Ваквата цена е нереално ниска и ќе доведе до колапс на домашниот сектор за производство на жито“, посочија од ЗП „Пелагонија“.
Ваквата откупна цена, како што се нагласува во соопштението до медиумите, ќе доведе до загуба на производителите на пченица, а загубата кај примарното производство значи загуба и во следната година.
„Земјоделецот нема да има средства за набавка на потребните репроматеријали за финансирање на следна реколта, што значително ќе се одрази и на квантитетот и квалитетот на идното производство“, се вели во соопштението.
Од ЗК „Пелагоија“ велат се најголем производител на пченица кој со години наназад целокупното производство го предава на Македонските млинови поддржувајќи го македонското производство на брашно, а со кои има долгогодишна успешна соработка.
Од таму објаснуваат дека ако се знае дека при преработка на 1.000 тони пченица, се добиваат 300 тони сточно брачно, 330 тони брашно ТИП 500 и 370 тони брашно ТИП 400 и ако на тоа се додадат трошоци за преработка на пченица и тоа за електрична енергија, амбалажа, работна рака, како и остварување на добивка, пресметките покажуваат дека откупната цена пченицата треба да изнесува 14,42 ден./кг.
Споредбено со цените на светскиот пазар и во соседството, откупната цена на пченицата на светската берза МАТИФ изнесува 232,75 евра за тон, а во Србија изнесува 195 евра за тон, плус од 35 до 40 евра за превоз, односно цената со испорака во Македонија чини најмалку 230 евра за тон, односно 14,20 ден./кг што значи дека и набавката на пченица од Србија во моментов изнесува многу повеќе од бараните цени на млиновите во Македонија.
Со оглед на сето претходно наведено, сакаме да укажеме дека здружувањето на млинарите со цврст став да ја откупуваат пченицата по ниски цени, нема никаква реална основа земајќи ги во предвид сите пазарни услови и воопшто нема никаков фер однос кон производителите на пченица, се вели во соопштението.