Зимбабве: Водачот на секта уапсен – спасени 251 дете


Полицијата во Зимбабве спасила повеќе од 250 малолетници, кои биле користени како евтина работна сила, од комплексот на апостолска секта, а таму биле откриени 16 гробови, меѓу кои и гробови на седум бебиња.

Во изјавата, портпаролот на полицијата Пол Нјати рече дека Чокуронгерва (56) водел секта од повеќе од 1.000 членови на фарма на околу 34 километри северозападно од главниот град Хараре, каде што имало деца меѓу верниците.

Децата „биле искористени да вршат различни физички активности во корист на раководството на сектата“, рече Нијати, додавајќи дека од 251 дете, 246 немале извод од матична книга на родени.

„Полицијата откри дека ниту едно од децата на училишна возраст не посетувало формално образование и дека сите биле изложени на злоупотреба како евтина работна сила, вршејќи физичка работа во име на учење на животни вештини“, додаде Нијати. Тој истакна дека полицијата упаднала во светилиштето во вторникот.

Чокуронгерва, кој себеси се нарекуваше пророк Исмаел, беше уапсен заедно со седум соработници „за криминални активности кои вклучуваат злоупотреба на малолетници“.

Државниот таблоид H-Metro, кој ја следеше полицијата за време на рацијата, покажа дека полицијата во униформа се расправа со верниците облечени во бела облека и шамии. Верниците бараа да се вратат децата, кои биле ставени во полициски автобус, но не е јасно каде безбедносните сили ги однеле децата и некои од жените кои ги придружувале.

Според еден весник од Зимбабве, полицајци вооружени со пиштоли, солзавец и придружувани од обучени кучиња „извршиле спектакуларен напад“ на храмот, кој верниците го опишуваат како „нивна ветена земја“.

„Нашето верување не е од Светото писмо, го добивме директно од Бог, кој ни ги даде правилата за тоа како можеме да влеземе во рајот. Бог забранува формално образование бидејќи лекциите научени во таквите училишта се против неговите заповеди. Бог рече дека нема да пушти дожд ако ги испратиме нашите деца на училиште. Погледнете ја сушата на друго место, но овде врне дожд. Имаме дарба со духовно уво да го слушаме Божјиот глас“, изјави за H-Metro еден од помошниците на Чокуронгерва.

Според АП, апостолските групи кои ги инкорпорираат традиционалните верувања во пентекосталната доктрина се популарни во длабоко религиозната јужноафриканска земја. Има малку детални истражувања за апостолските цркви во Зимбабве, но студиите на УНИЦЕФ проценуваат дека тоа е најголемата религиозна деноминација со околу 2,5 милиони следбеници во земја од 15 милиони.

Некои од групите се придржуваат до доктрината која бара следбениците да избегнуваат формално образование за нивните деца, како и лекови и медицинска нега за членовите на тие цркви, кои наместо тоа мора да бараат исцелување преку својата вера во молитва, света вода и камења.

Други почнаа да им дозволуваат на своите членови да посетуваат болници и да ги запишуваат децата во училиштата во последниве години по интензивните владини и невладини кампањи.

Во април минатата година, полицијата во Кенија уапси свештеник кој наводно им наредил на верниците да умрат од глад за да се сретнат со Исус Христос.

Главниот обвинител на Кенија во јануари нареди пасторот Пол Мекензи и повеќе од 90 луѓе од сектата на Судниот ден да бидат обвинети за убиства, суровост, тортура на деца и други злосторства за смртта на 429 луѓе за кои се верува дека биле членови на сектата на Мекензи.