Зимбабве прогласи вонредна состојба во Хараре поради епидемија на колера


Зимбабве прогласи вонредна состојба во главниот град на земјата, Хараре, поради епидемија на колера, објави градоначалникот, Иан Маконе, пренесува Би-би-си.

Поради епидемијата досега починаа десетици луѓе, додека повеќе од 7.000 се заразени. Властите сега бараат помош за да се спречи ширењето и да се обезбеди безбедна вода, велејќи дека помошта што моментално се добива е несоодветна.

Според Меѓународниот Црвен крст, болниците се справуваат со големиот број заразени по избувнувањето на епидемијата. Во него се укажува за недостиг на здравствени работници за справување со случаите, како и недостиг на материјали за да се запре ширењето на болеста.

Министерството за здравство на Зимбабве вчера соопшти дека во земјата се регистрирани 7.398 случаи, 50 починале, а 109 лица се примени на болничко лекување.