Зимава ќе има високи казни за загадувачите на воздухот

Фото: Б.Грданоски

Првиот човек на Инспекторат на Град Скопје, Мирослав Богдановски, е на чело на сектор кој има 11 инспекции, а најчесто е во фокусот на јавноста кога таа бара акција против оние кои палат огнови на отворени површини и загадуваат.

Во интервју за „Мета“ тој вели дека досега имало премалку случаи на казнување во однос на тоа колкав град е Скопје и колкаво е загадувањето. – Оваа зима ќе биде многу интензивен тој процес на инспектирање и граѓаните ќе можат да видат многу зголемени контроли над индустриските капацитети кои се под наша надлежност бидејќи во Скопје има многу такви објекти чии емисии од оџаците ги надминуваат граничните вредности – вели Богдановски за „Мета“.

Првиот инспектор вели и дека тимовите составени од двајца инспектори, комунален и од животна средина и комунален редар се постојано на терен со дежурства, дека теренот се снима со дрон за да се утврди каде точно се пали.

– Ќе повторам дека помош од МВР ни е потребна бидејќи инспекторите се соочуваат и со закани на терен, две од нив се жени… – вели Богдановски.

Иницирале измена на правилникот за гранични вредности за печки до еден мегават, кој досега им оневозможуваше на инспекторите да пишуваат прекршочни казни, а кој уште не усвоен во Министерството за животна средина иако е документ од една страница.

– Процедурата на пеглање на предлогот е веќе завршена и само чека потпис од министерот. Инспекторите со години биле со врзани раце за да казнуваат загадувачи токму со овој правилник, па сепак никој до сега не иницирал негова промена. Сите молчеле – вели Богдановски.