„Зидојче цајтунг“: ЕУ и наградата за Северна Македонија


Во Европската Унија уште е спорно колку брзо Владата во Скопје треба да биде наградена со почеток на пристапни преговори за улогата во спогодбата со Атина. Франција кочи, зашто претседателот Макрон бара прво реформа на ЕУ, пишува денеска германскиот весник „Зидојче цајтунг“.

Весникот во текстот „Нов импулс за балканската политика“, констатира дека средбата не понуди многу повеќе од „отворена дискусија“. Весникот се осврнува и на пофалбите упатени на адреса на Северна Македонија, но и неединството на ЕУ колку брзо земјата да биде наградена за своите постигања, пренесува Дојче веле.

– За на регионот оптоварен со проблеми да му предочат и на позитивни развои, Меркел и Макрон ја пофалија Северна Македонија како пример за успешно решавање на конфликти. Таму владата по повеќегодишен спор со соседот Грција се договори во името на државата да биде додаден префиксот ‘Северна’. И тоа наспроти отпорот на националистите. Додавката на името го овозможува бараното разликување од грчката северна провинција Македонија, пишува весникот.

„Зидојче цајтунг“ натаму наведува дека со тоа е отстранета огромна пречка на патот кон членство на Северна Македонија во НАТО и во ЕУ. Иако, во ЕУ сѐ уште е спорно колку брзо владата во Скопје треба да биде наградена за својата улога во спогодбата со Атина, посочува весникот.