Зибери повикува да почне образовниот процес, а да се зачува дигнитетот на наставниците
До Народниот правобранител пристигнати се 4-5 претставки од родители кои бараат да се преземат сите мерки наставниот процес да продолжи, по прекинот заради штрајкот на образованието во организација на СОНК.
Народниот правобранител Насер Зибери појасни дека претставките почнуваат со тоа, дека родителите ги поддржуваат наставниците во нивните барања, но сепак да се најде начин да продолжи учебната година.
Зибери рече дека во оваа ситуација има две уставно загарантирани права, правото на штрајк и правото на образование на децата. Сепак, вели во меѓународното право кога има ваква ситуација, треба да натежне правото на децата.
Тој појасни дека смета оти дигнитетот на наставниците не треба да биде нарушен. Дека вработените во образованието и во градинките треба да имаат финансиски задоволителни плати, но дека треба да се направи сѐ, за да продолжи воспитно-образовниот процес.
– Сакам што побрзо тој образовен процес да продолжи. Ние имавме состанок со Советот на СОНК разговаравме и предложивме да се зголемат платите за 10 отсто – рече министерот за образование Јетон Шаќири, а потсети дека 95 отсто од членството на СОНК ја одбиле оваа понуда.
Министерот појасни дека Законот за минимална плата предвидува усогласување на платите да се изврши во рок од шест месеци, односно до септември, а смета дека тие како Влада, со понудените 10 отсто покачување, нудат можност тоа да се случи порано.
Штрајкот во образованието и во градинките почна минатиот понеделник и продолжи и оваа недела. Образовните работници бараат зголемување на платата за 18,4 отсто, по донесувањето на Законот за минимална плата.