ДУИ не се вознемирува од пораките на Заев да оди во опозиција


ДУИ не се вознемирува од пораките на лидерот на СДСМ Зоран Заев дека по 18 години власт треба да оди во опозиција и дека тоа е здраво за оваа партија. Напротив, смета дека ова е само предизборна реторика. Според Насер Зибери, кандидатот за прв Албанец премиер, како што го прогласи ДУИ, во повеќепартиски систем волјата на граѓаните ја дефинира структурата на застапување на владата, а Уставот детерминира кој ќе биде во влада. Според него, било чии изјави се само во функција задобивање повеќе политички поени или се дадени во афект, за што тој жали.

 

Зибери денес, повторно го запре целиот сообраќај пред Владата, за да одржи прес конференција и да каже колку, кога ќе дојде на власт ќе се грижи за граѓаните. Притоа, тој најави дека наредните денови со специјаен автобус тој и ДУИ ќе ги посетуваат граѓаните. Тој уште еднаш порача дека ДУИ не водела и нема да води црна кампања.

„Уште една недела нѐ дели од изборите. Ќе има изборен процес кој ќе трае три дена. Убеден сум дека ќе бидат преземени сите мерки за заштита на здравјето на граѓаните. Ги повикувам граѓаните да ја искористат приликата и да гласаат за првиот премиер Албанец за да изградиме подобро општество за сите.

Еден од приоритетите е да се справиме успешно со пандемијата, при што ветив неколку мерки, како да се зајакнат капацитетите на здравствениот сектор, повисоки плати за здравствените работници. Веднаш ќе наредам од буџетот да се вартат сите долгови кон приватниот сектор за да зајакне. Ќе се помогне туризмот, угостителството и придружните дејности, ќе се израмни данокот на додадена вредност. Рамноправноста на граѓаните ќе биде врвен приоритет. Веднаш ќе предложам да се основа виш суд кој ќе ги елиминира сите тенденции за дискриминација, така што секој граѓанин да се чувствува еднакво вреден. Барам поддршка на граѓаните за да ги оствариме нашите визии“, рече Зибери.