Зибери дошол во Собранието само за да гласа, директно бил однесен во кабина


Пратеникот Арбен Зибери, кој гласаше на синоќешната собраниска седница од посебна просторија за новата влада, дошол во парламентот само за чинот на гласањето, појаснуваат од Собранието.

Оваа уникатна ситуација во досегашното делување на парламентот кај нас е наметната поради ситуацијата со КОВИД-19 и протоколите кои ги пропишале здравствените власти.

Според објаснувањето од Собранието, Зибери воопшто не бил на седницата на која што се дискутираше за избор на новата влада.

Тој не се чуствувал добро, но пратеникот не бил ниту изолиран, ниту тестиран за КОВИД – 19. Зибери лично не се чуствувал добро и од колегијален аспект го информирал претседателот на Собранието Талат Џафери за тоа.

„Оттука, претседателот на Собранието според протоколот на здраствената комисија што ни беше доставен преку препораките (во случај некој и да се двоуми, односно субјективно да сугерира дека не се чувствува добро), Собранието да биде подготвено со посебна просторија за гласање“, појаснуваат од македонскиот парламент.

Од таму додаваат дека на горниот кат постои кабината за превод определена за таа намена, која била дезифицирана.

„Пратеникот дојде само во моментот на гласање директно од автомобил, се качи во лифт и во просторијата, а по завршување на гласањето тој се врати со лифтот и директно во кола, немаше контакт со никој. А, лифтот секако после него не беше во функција до момент на дезинфицирање. Претседателот на Собранието Џафери целосно и доследно ги почитуваше протоколите дадени од Комисијата“, појаснуваат Собранието.

Инаку, синоќа пред полноќ, пред самиот чин на гласање, претседателот Џафери изненади многумина кога беше гласањето, не со бројот на гласови „за“ и „против“ (кои беа според очекувањата), туку кога рече дека еден пратеник е изолиран во посебна просторија и дека гласа од таму.

„Една информација, според протколот за гласање, еден од пратениците од мнозинството ќе гласа од посебен простор во кабина на горниот кат, пратеникот е внатре според протоколот за заштита од ширење на Ковид-19 и нема потреба од паника. Повторувам, преземени се сите мерки и нема простор за паника“, рече Џафери.

Подоцна, новоизбраниот премиер Зоран Заев давајќи ја својата прва изјава за медиумите од позиција на старо-новата функција, рече дека не бил претходно  запознат дека има пратеник кој е позитивен или сомнителен на корона вирусот.

„Не бев информиран“, рече Заев додавајќи дека колку што знае ,станува збор за сомнителен случај кој чека да биде тестиран и дека се испочитувани сите протоколи кои велат дека треба таквите лица да бидат во самоизолација. (Н.В.)