Жулиет Бинош блесна и на „Браќа Манаки“ во Битола, еве што кажа на возбудената публика


Македонија ја виде во живо француската и светска актерка Жулиет Бинош во 2014 година, на јубилејното 35-то издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, а ја донесе Лабина Митевска, како директорка на фестивалот. Бинош престојуваше три дена во Битола,  одржа и мастер клас на фестивалот и ја прими наградата „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност. 

Бинош (60) е актуелна со веста дека ќе претседава со жирито на 78. Кански филмски фестивал,  кој ќе се одржи од 13 до 24 мај 2025 година.

Во Битола, Бинош доби неколку подароци кои ќе ја потсетуваат на Македонија. Пред свеченото доделување на наградите, на коктелот во хотелот Епинал, директорката на фестивалот, Лабина Митевска на Бинош и подари икона со ангелот на Св. Софија, а директорот на Агенцијата за филм на Република Македонија, Дарко Башески на актерката и подари гердан со македонски рубин. Наградата „Златна камера 300“ и ја врачи претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов. Таа се заблагодари и рече дека сака да говори и во име на кинематограферите, чиј труд често пати останува непризнаен.

„Првата врска помеѓу нас актерите и публиката е токму кинематограферот. Кога сте на сет и кога ќе заврши некоја сцена, првиот гледач, првиот одговор за она што сме го направиле е токму кинематограферот.Навистина многу им се восхитувам, зашто нивните избори, навистина го прават филмот, зашто секогаш изнаоѓаат посебен филмски јазик“, рече Бинош.

Таа говореше и за нејзиниот мотив да се занимава со филмската уметност.

„Потрагата по вистината е причината заради која го правам сето ова. Можноста да трагам и да ја допрам таа вистина“, рече Бинош.

Публиката во Центарот за култура во Битола, на нозе ја поздрави големата актерка Жулиет Бинош а таа одговори со солзи на очите. Потоа гледачите со внимание го проследија филмот Облаците на Силс Марија, прикажан во чест на ѕвездата на фестивалот.