Жртвувајте го овенот, а не човекот


ЕРОЛ РИЗАОВ

Верските великодостојници во Македонија наместо почит кон животот проповедаат непочитување кон Господ, отварајќи ги вратите на божјите храмови и повикувајќи на молитиви во време на голема несреќа кога во светот беснее заразна болест и микроби кои носат смрт. Нивниот грев е непростлив и пред божјите  и пред световните закони

 

Проповедниците на Аврамовите (Ибрахимови) религии во Македонија, на исламот и христијанството, направија смртен грев. Не го жртвуваа овенот, туку го жртвуваа човекот. Верските великодостојници наместо почит кон животот проповедаат непочитување кон Господ, отворајќи ги вратите на божјите храмови и повикувајќи на молитиви во време на голема несреќа кога во светот беснее заразна болест и микроби кои носат смрт. Нивниот грев е непростлив и пред божјите и пред световните закони.

Искушението на кое господ го ставил Аврам да го принесе како жртва својот син Исак нашите верски поглавари не го издржаа, иако добро ја знаат божјата заповед и целата суштина на Аврамовите вери дека човекот не може да биде жртвено јагне. Животот и воскресението, кои се темелот на моноистичките религии и на Стариот и на Новиот завет, и на Библијата и на Куранот, во Македонија се погазени на брутален пагански начин, и во манастирот Бигорски, и во процесијата на св. Ѓорѓи во Струга, и во џамиите во месецот на постот, и сега со најава на бајрамските молитви и обичаи.

И во двете вери молитивите кон бога во време на катастрофи и војни можат да се извршуваат и дома и на кое било место во осама и со воздржаност, едно од највозвишените верски чувства, особено кога се големите пости и тажни и радосни денови.

Спрегата меѓу политиката и верските великодстојници е лесно препознатлива во Македонија со злоупотребата на верата за партиски цели.

Ако можеше папата Франциско сам да се моли во базиликата „Св. Петар“ во Ватикан, покажувајќи им на верниците во целиот свет колкаво зло го нападнало човештвото и дека е света обврска да се почитува животот на човекот, тоа можеа да го направат и нашите верски великодостојници. Ако можеше Мека годинава да ги затвори вратите за аџилак на најсветото место на муслиманите, каде секоја година одат милиони верници, ако може да се затворат вратите на илјадници џамии, катедрали и цркви со божји благослов обредите да се вршат дома, можеа и мораа тоа да го направат и нашите верски поглавари, но и световни дејци ако навистина толку ја почитуваат верата и толку многу се загрижени за здравјето на луѓето што везден го проповедаат по медиумите и во божјите храмови.

Нивните образложенија за верски слободи за време на пандемија и повикување на уставни слободи и човекови права во вонредна состојба, нивното игнорирање на верата и на изворните канони означуваат непочитување, пред сѐ на бога. Жалниот резултат на нивниот грев е новиот бран на заразени и починати луѓе. Политиката се препознава и во повиците на верските поглавари со закани несвојствени за верници, дека ако се забрани одењето во џамии и цркви ќе ги повикаат верниците со напаствија како да гласаат на изборите.

Споредбите на верата, црквите и џамиите со најавата дека ќе бидат отворени во вторник кафеаните и рестораните во најмала рака е непристојна. Ако тоа се случи навистина да се отворат кафеаните и рестораните само еден ден по рамазанските пости и по Бајрам тогаш гревот е на политиката и на власта. Повикот на верските заедници би добил на тежина и би би имал силно влијание врз политиката ако навистина ги затворат вратите на џамиите и на црквите. Тогаш со полно право можат да бараат и да влијаат на властите тоа да го направат и со сите јавни собири, каде луѓето се изложуваат на опасност по животот. Само во еден таков амбиент и силна поддршка на верските великодостојници  да се почитуваат мерките за ограничено движење и јавни собири ја добива смислата и изборите да се одржат во најбезбедно време по здравјето на луѓето.

Ако расте бројот на заболени луѓе секојдневно поради непочитување на мерките, било тоа да се случува во црква, џамија, кафулиња и ресторани, на свадби и семејни веселби, на спортски натпревари или на избори, нема никакава разлика. Вирусот не разликува јавни собири, избори, молитви, вери и нации, кафеани и џамии, цркви и катедрали. Тој се пренесува од човек на човек.

Она што е најтажно во оваа трагедија на човештвото е заостанатоста, ортодоксноста и верскиот фанатизам во Македонија, кој е спротивен на учењето на религиите и светите книги. Спротивен е и на жртвите на светците, кои секогаш биле на страна на спасување на човекот.

Со отстапување од верата и злоупотреба на бога, во негово име, направени се најголемите злосторства во светската историја. Злоделата на инквизицијата, верските војни, големите геноциди врз цели народи, спалувањето на милиони „вештерки“, секогаш се оправдувале во името на верата. На Ватикан му требаа стотици години да ги признае гревовите и да се извини. Православната црква и исламот со својот фантизам и со погрешните толкувања на верата уште се сметаат за безгрешни. Таму нема реформи во верата, а и во световното владеење на правото тешко се одвиваат промените. Секој обид за промени е ерес изложен на анатема. И во световниот живот, како и во верата, промените се бавни оти секуларноста е лажна колку и верата во Бога. Во сите општествени уредувања на исток без оглед дали со државите управуваат атеисти, комунисти, капиталисти, фундаменталисти, сите се речиси исти.

Аврам го принесе овенот како жртва, откако Господ се увери во неговата верба и го поштеди синот аврамов. Нашите овоземни самопрогласени светци го принесуваат како жртва човекот пред заразната болест во име на бога. Нивниот господ е во политиката и во парите.