Жртвите на Џефри Епштајн ја тужат Дојче банк – банката мора да плати 75 милиони долари


Дојче банк се согласи да плати 75 милиони долари за да го реши судскиот спор во кој се тврди дека банката ја олеснила трговијата со луѓе за време на нејзините зделки со Џефри Епштајн.

Тужбата ја поднела неименувана жена, тврдејќи дека Дојче банк продолжила да работи со Епштајн, и покрај тоа што знаела дека неговите сметки се користат за злоупотреба.

Тужителката, која во судските документи анонимно се нарекува „Џејн До“, во ноември минатата година во Њујорк поднела колективна тужба во име на себеси и други жени, наводно злоупотребувани од покојниот американски финансиер. Таа тврдеше дека банката „избрала профит наместо усогласеност“, бидејќи знаела дека „ќе заработи милиони долари од овозможувањето на трговијата со секс на Епштајн“.

Исплата на отштета на десетици жени
Жената во тужбата тврдеи дека Епштајн ја продавал за секс 15 години, почнувајќи од 2003 година, кога се преселила во Њујорк. Во тужбата се наведува дека Епштајн ѝ се обратил на банката по раскинувањето на деловните односи со Џеј-пи Морган околу 2013 година, пишува Би-би-си.

Таа додава дека „банката не ги испитала темелно трансакциите на сметките за видовите активности поврзани со минатото на Епштајн иако го класифицирала Епштајн како клиент со висок ризик“. Се очекува спогодбата да се искористи за исплата на отштета на десетици жени.

„Најголемата спогодба во историјата на САД“
Едвардс Потингер, една од адвокатските канцеларии кои ја застапуваат неименуваната жена, изјави за Би-би-си дека тоа е „веројатно најголемата спогодба за сексуална трговија во историјата на САД во која е вклучена банкарска институција“.

Дојче банк претходно побара да се отфрли тужбата. Дилан Ридл, портпарол на банката, денеска одби да коментира за спогодбата, но рече дека „постигна значителен напредок во решавањето на голем број прашања од минатото“.

Да потсетиме дека Епштајн си го одзеде животот во затворска ќелија на 10 август 2019 година, додека го чекаше судењето за обвиненијата за сексуална трговија со малолетници.