Жртва на ветото е и самата ЕУ, порача Сиљановска во годишното обраќање

Сиљановска во годишното обраќање го повтори предлогот на владата за излезот од ќор-сокакот: усвојување на уставни измени со одложено дејство


Гордана Сиљановска-Давкова за време на годишното обраќање (Фото: Б. Грданоски)

 

Со долг говор од 70 минути (за кој и самата се извини на крајот) претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во своето прво годишно обраќање во Собранието, цитирајќи многу членови од Договорот на ЕУ, ја повика Унијата да излезе од кругот на ветото на нејзините членки, да направи храбар исчекор и земјите кандидати што побрзо да се интегрираат.

Таа зборуваше многу за родовата рамноправност во инстируциите и органите каде што таа има надлежност, нагласувајќи го бројот на жените што таа ги именувала, повика за градење држаевн консензус, ги набројуваше меѓународните настани каде што присуствувала и двете билатерални посети, но доминатен дел од нејзиното обраќање беше Европската унија, преговорите за членство и рече дека поради принципот на консезус „жртва на ветото е и самата ЕУ“.

Сиљановска од говорницата му даде поддршка на предлогот на Владата за излегување од ќор-сокакот уставните измени за внесување на Бугарите да бидат усвоени, но тие да важат од моментот кога ќе завршат преговорите со Унијата. Таа спомена дека на сите средби што ги имала, а и претставниците на Владата ја нагласувале опасноста од билатерализација на спорот со Бугарија и дека тој преседан ќе биде понатаму применуван и кај сите други кандидати за членство.

„Балканот е природен дел на Европа: географски, историски и културно. Европската идеја е уникатна политичка филозофија подржана од сите политички актери, партии, но и граѓани во регионот. ЕУ членството ќе биде моќен мотив за демократски промени во регионот, што трајно ќе оневозможи закана и дестабилизација од фрустрираните националисти и ќе гарантира траен мир“, истакна Сиљановска-Давкова. 

Претседателката им укажа на лидерите на ЕУ дека никогаш не треба да заборават оти европската заедница беше мировен проект што гарантира вечен мир, па, сепак, денес војуваат европски држави.

„Знам дека реалистите ќе коментираат дека ја критикувам ЕУ заради односот кон нас, бидејќи ние целиме кон Унијата, а не Унијата кон нас, но и јас имам право критички да размислувам како балканка која се доживува како Европејка и очекува европско однесување од ЕУ“, рече таа.

Фото: Б. Грданоски

Сиљановска нагласи дека на сите средби со претставниците на ЕУ укажувала на неколку парадокси: „Прво, Европската заедница со децении повикуваше на рушење на авторитарните системи, тогаш, има морална обврска за солидарност со нив/нас по падот на комунизмот; второ, профитната логика на западните економии бара поголем пазар и работната сила; трето, стабилноста на европскиот континентот зависи и од Истокот, вклучувајќи го и Западниот Балкан, како геополитички ентитет; четврто, лоциран меѓу Европа и Блискиот Исток како конгломерат на култури и религии Балканот отсекогаш се перцепирал како потенцијална конфликтна зона; петто, балканците секогаш се перцепирале себеси како Европејци, па европската интеграција е недовршена без европскиот југоисточен дел“.

За неа ЕУ сѐ уште енајпосакуваниот демократски политички систем и дом. 

„Денес граѓаните на членките на ЕУ имаат подобро мислење за нејзиниот демократски капацитет, од оној на своите националните власти, со исклучок на Луксембург. Некои западни политолози метафорично пишуваат дека Западен Балкан е ЕУ Ахилова петица. Ако е така, ниту Париз не смее да нишани во неа, а Берлин и Брисел, не смееат да дозволат да биде на нишан“, рече Сиљановска.

Таа го пофали Планот за раст и реформските агенди. Сиљановска во нашата реформска агедна препознала стратешки пристап, но и конкретни реформи со рокови и финансии, со што се гарантира и стимулира процесот од обете страни.

Претседателката на неколку пати ја употреби својата омилена дефиниција Pacta sunt servanda (Договорите мора да се почитуваат) околу договорот со Бугарија.

Фото: Б. Грданоски

„Не смееме да дозволиме ни тие, ни ние, наместо на реализирање на стратешките цели и предизвици и на реформите, енергијата и времето да ги насочиме кон историјата, согласно Заклучоците на Советот и протоколите, односно записниците. Ако зборуваме за Pacta sunt servanda, да посочам дека во Договорот за добрососедство и пријателство нема ниту еден збор за уставни измени“, нагласи таа.

Меѓу ретките имиња што таа ги спомена во годишното обраќање беше она на Радмила Шекеринска, велејќи дека лично таа и самата Влада целосно застанеле и се бореле при нејзината кандидатура за заменик-генерален секретар на НАТО, затоа што секогаш треба да му се даде поддршка за важна функција на оној што доаѓа од нашата земја, наместо на друг кандидат. Без оглед на тоа, што Шекеринска доаѓала од друг политички камп.

За внатрешната политика таа зборуваше сосема на крајот, велејќи дека во неа таа има многу мал дел од надлежностите. Главната поента во овој нејзин сегмент беше дека владеењето на правото е клучна задача на нашата држава и институциите.

Таа ѝ даде поддршка на владата во борбата против корупцијата, велејќи дека „грашаните дочекаа конкретни резултати“:

„Борбата против корупцијата и организираниот криминал е најважната борба на оваа влада. Во оваа борба ние не сме сами. Ја имаме довербата од македонските граѓани и поддршката од нашите стратешки партнери, вклучително и со дополнувањето на црната листа. Црно ни се пишува ако не ја видиме со широко отворени очи црнината и не ја обелиме со санкционирање. Сега македонските надлежни институции се на потег. Граѓаните очекуваа и дочекаа конкретни резултати. Секое одолговлекување би значело толерирање на беззаконието и неправдата. Никој не смее да биде недопирлив“.

„Македонија е дефинирана како социјална држава, којашто треба да им помага на ранливите, за секој човек, за секое семејство да има пристоен живот. Буџетот што го усвоивте вие, пратениците, е развоен и инвестициски, но со вклучена социјална компонента. Тоа е за поздравување, особено во ова време на ценовни шокови. Секој од нас треба да направи сѐ што може за да им помогне на ранливите категории. Иако моите ингеренции на ова поле се ограничени, јас го правам она што можам. Станав глас на оние кои се соочуваат со системска дискриминација, како што се текстилните работници или руралните жени кои се борат за подостоинствени работни услови“, нагласи Сиљановска.

Сиљановска зборуваше за нејзината одлука на двете клучни места во Агенцијата за разузнавање  (што е надлежност на претседателот) да именува две жени од редот на вработените и го претстави тоа како голем пробив. Таа не го спомена планот на владата да ги фузира Агенцијата за национална безбедност и Агецијата за разузнавање во еден конгломерат, со што би се укинала една од клучните надлежности на претседателот на државата.

Во салата беа присутни пратениците од владините партнери, поголемиот дел од опозицискиот СДСМ плус партнерите, а помал дел од „Европскиот фронт“. (Н.В.)