ЖРСМ Транспорт го демантира Бектеши за потрошената струја


Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД – Скопје демантира дека се најголем потрошувач и имале најмалку заштедено електрична енергија, како што тоа стои во табелата која на прес конференција ја презентираше Министерот за економија, Крешник Бектеши. 

„Овие податоци за ЖРСМ Транспорт се целосно невистинити“, велат од оваа компанија.

„Согласно официјалните податоци од Одделението за енергетска ефикасност при ЖРСМ Транспорт АД – Скопје за потрошена електрична енергија видно е дека: за ЕВН Хоме одржување на влечни и влечени средства и административни згради, споредбено за месец 09.2021 година потрошено е 65.171.50 KW, а за 09.2022 година потрошено е 57.227.40 KW со што остварена е заштеда од -12,19 отсто“, се вели во реакцијата.

„Исто така напоменуваме дека ЖРСМ Транспорт АД – Скопје споредбено за месец 10.2021 година потрошено е 131.174.30 KW, а за 10.2022 година потрошено е 83.507.00 KW со што остварена е заштеда од -36,34 отсто“, посочуваат од компанијата.

Од таму појаснуваат дека за ЕВН Хоме преку мрежата на МЕПСО за товарен и патнички сообраќај, споредбено за месец 09.2021 година потрошено е 1.166.220,00KWh, а за 09.2022 година потрошено е 1.060.020,00KWh со што остварена е заштеда од -9,0 отсто.

ЖРСМТ Транспорт АД – Скопје за месец 10.2021 година потрошило 1.122.920,00KWh, а за 10.2022 година потрошено е 1.075.330,00KWh со што остварена е заштеда од -4,23 отсто.

„Овие податоци официјално се потврдени од Владата од Извадок од нацрт Записникот на Владата на РСМ на Сто и втората седница одржана на ден 15.11.2022 година број 41-10377/2 од каде може да се види дека Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД – Скопје е еден од најголемите заштедувачи на електрична енергија“, се вели во реакцијата.