Жозеп Борел повика на нови избори во Белорусија под глобален надзор

Шефот за надворешна политика на ЕУ повика на нови избори во Белорусија под надзор на Организацијата за безбедност и соработка во Европа.

„Најдоброто решение би било да се повторат изборите под контрола на ОБСЕ“, напиша Жосеп Борел во колумна за францускиот весник „Журнал ди диманш“.

„Во меѓувреме, не можеме само да ги изразиме своите грижи; ние треба да ги санкционираме оние кои се одговорни ако ЕУ сака да биде доследна“, рече тој.

Францускиот претседател Емануел Макрон во петокот рече дека побарал помош од рускиот претседател Владимир Путин во убедувањето на Александар Лукашенко да прифати медијација од ОБСЕ.

Лидерите на ЕУ го осудија спорниот резултат на изборите во Белорусија. Лукашенко, кој е претседател од 1994 година, тврди дека освоил 80 проценти од гласовите, предизвикувајќи Белорусите да одржат масовни протести кои беа насилно потиснати од безбедносните сили. Лидерот на опозицијата Светлана Тихановска официјално освои 10 проценти од гласовите, но нејзините поддржувачи велат дека во реалноста, таа го победи Лукашенко.

Лидерите на ЕУ, исто така, се согласија да воведат санкции против голем број лица одговорни за насилство врз демонстранти и изборни измами.

Во петокот, Борел ја повтори ставот дека ЕУ не го признава изборниот резултат.

Во својата колумна за „Журнал ди диманш“, тој додаде дека Москва „има намера да ги спречи Европејците да обезбедат помош за граѓанското општество, кое се побуни против наместените претседателски избори“.