Жозеп Борел – недипломатскиот дипломат


Тој најверојатно беше најизненадувачки – и најверојатно најконтроверзен – избор на целиот пакет за функциите во ЕУ: Жозеп Борел, актуелен министер за надворешни работи на Шпанија.

Додека поддржувачите на посилна надворешна политика на ЕУ ја поздравуваа номинацијата на Урсула фон дер Лаен за шеф на Комисијата, името на Шпанецот како шеф на надворешната политика на блокот произведе прилично мешани чувства во Европа и пошироко.

Критичарите велат дека Борел има скелети во својот плакар што можат да влијаат врз обликот на идната надворешна политика на ЕУ. Тие посочија на некои од поконтроверзните коментари на Шпанецот како причина за неговата несоодветност да биде врвниот дипломат на ЕУ.

Хаштагот #StopBorrell, создаден од адвокат и поранешен специјален известувач на ОН за борба против тероризмот и човекови права, Бен Емерсон, е онлајн кампања против назначувањето на Борел.

Емерсон се осврнува на говорот даден во 2018 година, кога Борел рече дека сè што требало да направат САД за да добијат независност било да „убијат четворица Индијанци“.

„Во некои европски држави, негирањето на холокаустот или други геноциди е кривично дело. Но, ЕУ сака да го назначи овој човек за да ја предводи нејзината надворешна политика“, коментираше Емерсон.

Роден во едно мало село во Каталонија, тој работел како инженер за аеронаутика во Мадрид, пред да влезе во политиката во 1979 година.

Со текот на времето, верниот поддржувач на ЕУ, исто така, ја доби довербата на европските социјалисти и стана претседател на Европскиот парламент (2004 – 2007), а потоа следуваа години кога неговата кариера беше потресена од финансиски скандали.

Меѓутоа, во јуни 2018 година тој стана шеф на шпанската дипломатија во новата влада на социјалистичкиот премиер Педро Санчез.

И покрај своето потекло, Борел никогаш не го поддржа движењето за независност на Каталонија и наместо тоа, стана едно од главните лица на кампањата за територијално единство во Шпанија.

Опишан како остар дипломат, Борел неодамна направи бура во интервјуто за Дојче веле по прашањето за третманот на уапсените сепаратисти од Каталонија.

Неговата номинација дефинитивно ќе ги покрене прашањата на Балканот. Шпанија е една од петте земји на ЕУ кои не го признаваат Косово. Ова би можело да го вклучи Бореловиот ангажман во клучниот дијалог помеѓу Србија и Косово во акт тежок за балансирање.

Подалеку на Исток, не треба да се занемарува и Москва. Не толку одамна, Русија го повика амбасадорот на Шпанија во Москва откако Борел ја посочи земјата како „стар непријател“ кој „се врати како закана“.

Во таа смисла, многу Источноевропејци го поздравуваат неговото назначување.

„По Урсула фон дер Лаен, Борел е втора важна личност за нас, а особено за мене“, рече полскиот министер за надворешни работи, Јацек Чапутович. „Мислам дека има и шанса за добра соработка.“

Борел досега се одлучи да ја доближи Шпанија до француско-германскиот тандем. И тоа е поддршка на оние земји што ќе бидат потребни кога ќе се обиде да го спаси нуклеарниот договор со Иран.

Во тој поглед, тој е многу сличен со неговата претходничка Федерика Могерини, која беше непопуларна личност во Израел поради нејзината тврдоглава поддршка на договорот и на нејзиниот релативно пропалестински став.

Сепак, неговата симпатија за режимот во Техеран оди малку подалеку и беше критикувана како „загрижувачка“.

Израелските медиуми бргу го критикуваа неговото номинирање, бидејќи минатата година сугерираше дека ЕУ треба еднострано да ја признае палестинската држава, па дури и се закани дека Шпанија ќе го стори тоа унилатерално.

Пред многу години, Борел волонтираше во еден кибуц во Израел, па дури и ја запознал својата прва сопруга таму, но тоа не го поштеди од критиката.

Неговите односи со САД исто така беа затегнати, бидејќи јавно ја обвини администрацијата на Трамп дека се однесува како каубој во Венецуела.

Но, ако ги оставиме настрана контроверзните коментари, овој 72-годишен Шпанец можеби е помалку склон да патува без прекин, како што тоа го правеше Могерини. Во време кога видливоста и блиските лични контакти се клучни во надворешната политика, ова би можело да претставува чекор назад од претходната шармантна офанзива на ЕУ на глобалната сцена.

Ако се знае сето ова, ајде да му дадеме на Борел корист од сомневањето. Во оваа ситуација името на друг Шпанец, кој беше успешен шеф за надворешни работи, ни доаѓа на ум: Хавиер Солана. (Еурактив)