Жоли ја охрабрува Македонија да ги продолжи напорите да пристапи кон ЕУ

Цврсто веруваме дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ и можете да сметате на нашата поддршка - порача министерката за надворешни работи на Канада


Канадската минстерка за надворешни работи Мелани жоли и министерот за надворешни на Македонија Бујар Османи (Фото: Б. Грданоски)

Министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Жоли оствари средба со министерот за надворешни работи, Бујар Османи во Скопје на која фокус на разговорите беа билатералните односи и сојузништвото во рамки на НАТО.

Канадската министерка Жоли се заблагодари за гостопримството и ја пофали Македонија за поддршката која и ја дава на Украина.

Канадската минстерка за надворешни работи Мелани жоли и министерот за надворешни на Македонија Бујар Османи (Фото: Б. Грданоски)

– Сакам да ви се заблагодарам за вашето гостопримство. Ова ми е прва посета на Македонија. Првпат по 25 години, канадски министер за надворешни работи доаѓа тука, и ова е историска посета. Ние се среќаваме на состаноците на НАТО и на ОБСЕ. Би сакала да ве пофалам за поддршката на Украина и му благодарам на Бујар за неговото лидерство со ОБСЕ. Канада и Македонија се блиски партнери и имаат исти уверувања дека диверзитетот и различностите се можност – рече Жоли.

– Инвестиравте многу во поддршката на Украина. Канада го направи истото и по глава на жител има дадено милијарди долари и ќе продолжиме да го правиме тоа заедно – нагласи Жоли.

– Имавме продуктивна средба на која отворивме важни прашања и ја цениме посетата која доаѓа во клучен момент за земјава – изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи за посетата на неговата колешка, министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Жоли.

Мелани Жоли (Фото: Б. Грданоски)

– Го поздравивме силното сојузништво во НАТО. Ние сме заедно дел од мисиите на НАТО во Латвија. Денешната средба е можност за да ја проектираме нашата иднина со оглед на тоа што сме две земји што делиме исти вредности – нагласи Османи.

Порача дека Северна Македонија и Канада, иако географски се одалечени, двете земји силно ги поврзува нашата многубројна дијаспора во Канада. Тие се, како што рече, горди жители на една мултиетничка и просперитетна држава, но и горди на своите корени.

– Цврсто веруваме дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ и можете да сметате на нашата поддршка – порача Жоли. – Северна Македонија е одлучна и способна и би сакала да ве охрабрам да ги продолжите вашите напори да пристапите кон ЕУ.

Министерката за надворешни работи на Канада смета дека нејзнита посета доаѓа во клучен момент.

– Гледаме закани од авторитарни власти. Информациите кои се користат како оружје, Канада сака да го спречи ваквиот тип на војување кој Путин го води против Украина – рече Жоли.

На прашањето кога Канада ќе воспостави безвизен режим за македонските граѓани во Канада, Жоли одговори дека сега сме стратешки партнери со тоа што обезбедуваме поблиска соработка и можеме да најдеме различни решенија за различни прашања.

На новинарско прашање дали е можно повторно отворање на Канадска амбасада во Скопје, Османи одговори дека ова би претставувало големо постигнување во односите помеѓу двете држави.

-Знаете дека Канада нè покрива од Белград. Во Белград има одличен амбасадор кој е многу проактивен и многу често е во Скопје. Имаме комуникација, но се разбира дека би било навистина едно големо постигнување во односите помеѓу двете држави доколку Канада би отворила амбасада во Скопје. Знаете дека ние имаме амбасада во Отава и тоа многу би ја олеснила комуникацијата и односите генерално помеѓу двете држави, рече Османи.