„Жизел“ пак на репертоарот на НОБ- голем интерес за врвниот класичен балет
В сабота (4 декември) во 20 часот во Националната опера и балет ќе се изведе новата балетска продукција на романтичниот балет во два чина „Жизел“, премиерно одржанa на 30 октомври 2021.
Од неговата праизведба во Париз 1841 па до денес, тоа е еден од ретките балети кој има непрекината традиција на изведување.
Магичната и безвременска приказна за несреќната љубов, преточена во музиката на францускиот композитор Адолф Адам, а во кореографија на Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа, Леонид Лавровски. Адаптацијата на кореографијата е на Ирена Пасариќ од Хрватска. Диригент на претставата е Иван Еминовиќ. Костимографијата е на Александар Ношпал, сценографијата на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, светло дизајн: Милчо Александров.
Во главните улоги настапуваат: Мими Поп Алексова Атанасовска, Бобан Ковачевски, Игор Веланоски, Ивана Коцевска, Христина Наќевска, Ендру Кук (Англија).
Настапува оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.