„Живот на коцка“- Игор Џамбазов ќе ја промовира биографската книга за Џаро


Официјалната промоција на биографската книга „Живот на коцка“, на познатиот менаџер Велибор Џаровски – Џаро ќе се одржи вечерва, на 29 мај, од 19 часот, во ресторанот „Four“ во хотелот „Парк“. Автор на книгата е неговата ќерка, новинарката Милица Џаровска, а книгата е во издание на издавачкиот центар „Три“.

Промотор на книгата ќе биде македонскиот актер, водител и пејач, Игор Џамбазов.

Книгата, која од срце ќе ве насмее, претходно беше промовирана на штандот на издавачот „ТРИ“ на Саемот на книгата во Скопје.

Од неговите скромни почетоци, во семејната куќа во населбата Ѓорче Петров, каде што живее и денес, до неговото издигнување како успешен менаџер, книгата ги носи читателите на возбудливо патување низ животот на Џаро. Со никогаш претходно кажани приказни и инсајдерски сознанија, мемоарите нудат фасцинантен поглед во светот на музиката и спортот во поранешна Југославија.

 

Најистакнати моменти во кариерата на Џаро, се дефинитивно неговите успешни соработки со некои од најголемите музички и спортски ѕвезди од регионот. Книгата детално ги прикажува предизвиците и триумфите на овие партнерства, откривајќи ги тајните зад успехот на Џаро.

 

„Многу пати во јавноста сум ги споделувал моите приказни, но време беше да се стават и на хартија, тие и уште некои, кои досега ги немам кажано. Мојот „живот на коцка“ не се однесува само на коцката, туку на начинот на кој го живеев во едно поинакво време, па затоа ѝ дозволив на ќерка ми да го стави токму овој наслов. Но, и денес, иако побавно се движам, знам да им кажам на помладите: „Јас имам проблем со ногата, немам проблем со главата“, изјави Џаровски.

Организатор на над 5.000 концерти, промотор на безброј пејачи и фудбалери на кои им помогна да го достигнат врвот во кариерата, бестрашен прекршувач на законот со 135 лажирани натпревари… Специфичниот карактер и остриот ум го соочија со најразлични перипетии. Секогаш во центарот на вниманието поради различни згоди и скандали, тој остана крал на југословенската естрадна и спортска сцена дури и по нејзиното распаѓање. Во оваа книга за неговиот бурен живот ќе пронајдете многу вистини.