„Живот меѓу графитни игри и луд ветар“ – книга посветена на првата македонска поетеса Даница Ручигај


Во издание на „Студентски сервис“ – Скопје од печат излезе книгата „Живот меѓу графитни игри и луд ветар“ на проф. д-р Милан Јазбец – словенечки дипломат и амбасадор на Република Словенија во Скопје од 2016 до 2020 година, универзитетски професор по дипломатија, писател, поет и некогашен истакнат словенечки новинар, и на м-р Надица Караколева – магистер по превентивна дипломатија и поетеса.

Книгата е всушност своевидна транскрипција на промоцијата на јубилејното издание на целокупното поетско творештво на првата македонска поетеса Даница Ручигај, што по повод шеесетгодишнината од нејзината трагична смрт во скопскиот катастрофален земјотрес на 26 јули 1963 година, го приредија Свето Стаменов и Искра Чоловиќ, новинари и македонски публицисти. Промоцијата на „Сребрени ноќни игри и Заробеници на ветрот“, како што е насловено ова јубилејно издание, беше одржана на 27 јули 2023 година во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, во рамките на одбележувањето на шеесетгодишнината од скопскиот катастрофален земјотрес и како прилог кон одбележувањето на седумдесетгодишнината од основањето на Институтот и 120-годишнината од излегувањето на македонската златна книга „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков, најзначајниот Македонец на XX век и основоположник и прв кодификатор на современиот македонски јазик, на јазикот на кој творела првата македонска поетеса Даница Ручигај.

Книгата ги содржи излагањата на промоторите проф. д-р Васил Тоциновски („Авторка која ги покажа патот и перспективите на македонското женско писмо“) , проф д-р Димитар Пандев („’Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се’, еден од вервните дострели на македонската женска поезија на XX век“) и проф. д-р Милан Јазбец (Даница како поетеса и како персонифициран omen“); на Свето Стаменов, еден од приредувачите на книгата „Сребрени ноќни игри и Заробеници на ветрот“, („Јас и Даница“), како и поздравната беседа на проф. д-р Елена Јованова Грујовска, директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, и прологот на министерката за култура д-р Бисера Костадиновска Стојчевска („За Даница Ручигај, по шест децении од последното затворање на вратата“). И сето тоа „прошарано“ со песни на Даница Ручигај, во интерпретација на Искра Чоловиќ.

Во делот насловен „Медиумско огледало“, пак, е „документирано“ речиси сè што беше објавено во медиумите во врска со објавувањето и промоцијата на јубилејното издание, како и шеесетгодишнината од трагичната смрт на Даница Ручигај.    

Книгата ја содржи и комплетната библиографија на книжевниот опус на Даница Ручигај и на секундарната литература за неа (книги, есеи, литературни критики, осврти… аудио и ДВД изданија), како и преглед на културните и научните настани поврзани со нејзиното творештво (промоции на книги, литературни вечери и симпозиуми и сл.) во изминатите шест децении.

„Живот меѓу графитни игри и луд ветар“ е втора книга објавена во новопокренатата едиција „Документи“ на издавачот „Студентски сервис“, во која ќе се објавуваат книги од слични собири, чија намера е промоција на одбрани книги во научно-стручна смисла и кои поради таквата природа не се само обични промоции, туку донесуваат и нови сознанија и увиди во предметот на обработка