„Живот“ – изложба во Меморијалниот центар на холокаустот
Во Меморијалниот центар на холокаустот е отворена изложбата „Живот“, од авторката м-р Жаклина Мучева. Изложбата е отворена за публика и може да се посети во наредните 30 денови.
Како што соопштија од Фонд на холокаустот на Евреите од Македонија, оваа изложба е создадена по повод 79 години од депортацијата на македонските Евреи во центарот за убивање Треблинка, кое плански и систематски беше спроведено од тогашните окупаторски фашистички власти.
Од вкупно 19 изложбени паноа, на 17 се претставени биографиите на преживеаните Евреи, членови на заедницата. Воведното пано го најавува животот претставен низ светлината на Менората која расте во форма на дрво со длабоки корени кои Евреите ги вкоренија векови наназад. Последното пано е богато со стари фотографии од активностите на Еврејската општина/заедница во педесетите и шеесетите години.
-Сите овие години членовите на Еврејската заедница го одржуваа сеќавањето на 7.144 Евреи, но им одаваа почит и признание и на оние кои пружија отпор, се приклучија во НОБ. Иако обременети со тежината на судбината на депортираните блиски, со болка од грабежот на еврејските домови и имоти, храбрите преостанати Евреи решително се приклучија кон едниците на Народноослободителната војска, за ослободување на Македонија. Тешкотиите, болката, тагата, прогоните, не го расколебаа Еврејскиот народ во намерата да го продолжи животот и да му даде нота на посебност, велат од Фонд на холокаустот на Евреите од Македонија.
Според авторката Мучева, оваа изложба е посветена на преживеаните Евреи кои ја возобновија заедницата. Евреи кои дадоа придонес во градењето на новата повоена држава. Евреи кои создадоа живот.
-Преку изложбата го оживуваме споменот на нашите родители, баби и дедовци. Со нашето опстојување во оваа заедница, на поколенијата им обезбедуваме билет за живот без предрасуди, живот кој негува заедништво, живот кој дава обврска да се помни и задача да се чува. Затоа ја преземаме трајната одговорност да создаваме иднина во која дрвото на животот во нашата Еврејска заедница ќе го одгледуваме како нашите предци. Да го вкоренуваме посилно, да го оплодуваме, а тоа ќе ни врати ЖИВОТ, појасни Мучева.