Живко Мукаетов: За „Алкалоид“, регионот е стартна точка од каде што се гради глобалната стратегија

До крајот на годинава се очекува да се заврши мегапроектот „Таблетно 2“, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност на производството на цврсти фармацевтски форми, вели Мукаетов


Само во последните пет години „Алкалоид“ во земјите од регионот инвестираше 104,1 милиони евра, интегрирајќи ги операциите на компанијата за целите на подобро водење на дејноста од базата во Македонија.

Ова го вели Живко Мукаетов, генерален менаџер и претседател на УО на „Алкалоид“ за месечникот „Инстор“, во кој се осврнува на повеќе прашања за развојот на оваа наша фармацевтска компанија, за развојните планови и за најголемите предизвици во работењето. Во интервјуто Мукаетов вели дека во изминативе три децении инвестициските активности на „Алкалоид“ се насочени кон градење и проширување на производствените капацитети, капацитетите за истражување и развој, инсталирање модерна опрема, лаборатории, технологии, модерен софтвер и добро обучен кадар.

„’Алкалоид’ има широка палета на брендови кои постојат години наназад, но навиките и ставовите на потрошувачите се прилично динамични и менливи, па со инвестициите, иновациите и следењето на трендовите не смее да се запре. Во сегментот фармација, лидер по бројот на екстензии е нашиот бренд Proculin воведен во 1967 година, кој прерасна во комплетна линија за нега на очите не само во Македонија, туку и во регионот. Во сегментот козметика неизбежно би го издвоил Becutan, кој речиси 5 децении ужива висок индекс на препознатливост во регионот, присутен на пазарите во близу 30 земји во светот. Неодамнешната инвестиција во погонот за производство на влажните марамчиња, вредна околу 4 милиони евра, вклучува комплетно автоматизирана и роботизирана опрема, дизајнирана и конструирана според најновите нормативи за добра производствена практика и европската регулатива за козметика. Особено ни е драго што по 15 години производство надвор од Македонија, денес комплетниот процес го спроведуваме во погоните на нашиот локалитет во Ѓорче Петров. Во овој погон се произведуваат влажни марамчиња и за други приватни трговски марки на етаблирани синџири маркети“, вели Мукаетов.

Тој нагласува дека до крајот на годинава се очекува да се заврши мегапроектот „Таблетно 2“, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност на производството на цврсти фармацевтски форми.

„На курсот на континуирано инвестирање сме решени да останеме и во иднина, работејќи на глобализација на брендот ‘Алкалоид’, достоинствено и посветено“, вели Мукаетов.

Тој додава дека силно ги поддржува регионалните иницијативи за соработка, како „Коморскиот инвестициски форум WB6CIF“, „Отворен Балкан“ и слични, чија цел е олеснување и унапредување на трговската размена, мобилност на работната сила, брз проток на услуги и разни синергии кои се насочени кон подобрување на конкурентноста на регионот.

„За ‘Алкалоид’, регионот е стартна точка од каде што се гради глобалната стратегија. Имаме производствен погон во Белград, хемиска лабораторија во Љубљана и тим за корпоративни правни работи во Загреб. Креиравме регионална фузија која му оди во прилог на деловниот развој, и која ја создадовме сами. Изнајдовме и форми за соработка со нашите конкуренти во Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина“, вели Мукаетов.

Притоа тој се навраќа на една емпириска изјава на поранешниот генерален директор на „Алкалоид“, Трајче Мукаетов: Макросистемите мора да се градат врз основа на работењето и потребите на микросистемите, односно на компаниите.

„Факт е дека секоја фирма во земјава дава некаков придонес за целокупната економија, а со сета неизвесност што владее и се чувствува не само во земјава, туку и на другите пазари во регионов, компаниите се соочуваат со разни ризици и трошат драгоцено време и ресурси за надминување на предизвиците. Нашава земја во изминативе децении помина низ многу турбуленции, а прекумерната политизираност во сите пори на општеството не даде доволно простор за поголем економски развој. Ни недостига критичка мисла, приоретизација на интереси, а сѐ поевидентна е декаденција на системот на вредности. Успешните примери не се потенцираат, а, од друга страна, на цена се, незаслужено, лажни идоли. Младите заминуваат поради разочараност и подобри економски шанси надвор од нашата држава, додека домашната економија, доколку би излегла од маргините, би дала надеж за многу подобри перформанси. Генерално, во услови на политичка поларизација, бизнисите се оние што треба да обединат, односно да најдат начини како поефикасно да ја промовираат регионалната економска интеграција за да се обезбеди повисоко ниво на конкурентност, а со тоа и подобар животен стандард, повеќе странски инвестиции и посветла иднина за идните генерации“, вели Мукаетов.

Во интервјуто се осврнува и на растот на „Алкалоид“, при што вели дека во 2006 година пласманите на „Алкалоид“ изнесуваа 57,7 милиони евра, а 2022 година 231,9 милиони евра консолидирани продажби.

„Овој четирикратен пораст, во услови кога речиси секоја година била одбележана со некаков кризен предзнак, воопшто не беше лесен. Но, историски гледано, компанијата растела и се развивала низ многу специфични времиња и системи во текот на своето 9-децениско постоење, но секојпат покажувала резилиентност и брза адаптација кон промените. Во контекст на успешниот развој, можеби клучните зборови се посветеност и напорна работа“, вели Мукаетов.

„Алкалоид“ во моментов е компанија на над 2.700 семејства, а секој еден член на големото семејство алкалоидовци придонесува нашата успешна приказна да продолжи да расте и да се развива.

Во листата со доставувачи на „Алкалоид“ на македонскиот пазар регистрирани се околу 1.200 мали и средни претпријатија. Листата со соработници и партнери во земјава и во регионот брои повеќе од 1.500.

„Во сите наши операции се залагаме за испорачување константно висок квалитет, чесност, исполнителност, висока деловна етика, професионален интегритет и кредибилитет кои ги бараме кај секоја компанија со која имаме воспоставено каков било вид соработка“, вели Муакетов.

Зборувајќи за резултатите годинава, Мукаетов вели дека во првиот квартал од 2023 година 72 отсто од пласманите на компанијата беа наменети за извоз. Србија е најголем извозен пазар, а процентуално, земјите од Југоисточна Европа учествуваат со 29% во извозот, 20% се наменети за Источна Европа, 22% се пласмани на западноевропските пазари.

Според категоријата на производи, предничат фармацевтските со 90%, а 10% се од сегментот хемија, козметика и билкарство.

Тој вели дека секој пазар има своја специфика и треба да се третира индивидуално, а за да бидете конкурентни на кој било странски пазар, неопходни се инвестиции во локални кадри, во производствено портфолио, во маркетинг. Од друга страна, фармацевтските производи се високо регулирана категорија и влезот на странските пазари е исклучително тежок.

„Но, процесот на глобализирање на брендот ‘Алкалоид’ е почнат пред околу две децении. Во тој поглед комплетно сме подготвени за адаптација на веќе прифатените законски и деловни норми и правила на работење кои се практикуваат на пазарите во високоразвиените земји во Европа, Америка, Блискиот Исток и слични, но Македонија и регионот се и остануваат главната база на нашите операции“, вели Мукаетов.

Запрашан за состојбата на македонскиот пазар, и за плановите во поглед на вложување во нови брендови, Мукаетов вели дека ако се зборува за лекови, помошни лековити средства и додатоци во исхраната, за жал, македонскиот пазар е недоволно регулиран.

„До некоја мера би можел истото да го кажам и за детската козметика, а токму во овие два сегменти особено ми е драго што сме лидери на македонскиот пазар и предничиме во однос на квалитетот со увозната конкуренција. Што се однесува до вложувањето во нови брендови, би го споменал MultiEssence кој е umbrella бренд на производи кои се издаваат без лекарски рецепт. Задоволството е големо што, на пример, нашиот производ oд овој бренд, Магнезиум 400 со Б комплекс, предничи во однос на конкуренцијата во својот сегмент не само во Македонија, туку и на пазарите во регионот“, вели Мукаетов.

Во однос на проблемот со дефицит на кадар и како го решаваат во „Алкалоид“, Мукаетов, меѓу другото вели дека секогаш ги избираат најдобрите кандидати, а одговорноста е огромна кога станува збор регрутирање кадри од стручните сфери, каде што дефицитот веќе стана евидентен.

„За да направиме одржлива промена во нашиот делокруг, воведовме разни програми за (до)едукација, дуално образование и практикантство кои веќе четврта година успешно се спроведуваат во соработка со државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, а основавме и сопствен едукативен центар. Во служба на квалитетна едукација и продуцирање идни компетентни кадри од сферата на здравството и фармацијата е нашата Фондација „Трајче Мукаетов“, која од основањето во мај 2007 до денес има стипендирано 619 студенти по фармација и медицина на државниот универзитет. По основ на стипендии и еднократни парични награди досега имаме инвестирано околу 2 милиона евра. Постојано инвестираме во стручна доедукација на нашите кадри, првенствено од сферата на фармацијата и фармацевтската технологија, каде што едeн од нашите главни референтни партнери е Фармацевтскиот факултет во Белград“, вели Мукаетов.

За успехот, нагласува дека е тимска работа, а неговата улога е да мотивира кон повисоки достигнувања.

„Мој императив е компанија во која луѓето ќе бидат задоволни и ќе го вложат својот целосен потенцијал кон заеднички успех“, вели Мукаетов.

Целото интервју ТУКА.