Живко Мукаетов уште четири години на чело на РФМ со целосна поддршка на клубовите


Живко Мукаетов ќе продолжи да раководи со Ракометната Федерација на Македонија и во наредните четири години, откако актуелниот претседател ја доби поддршката на сите клубови и ракометни здруженија во пресрет на Изборното собрание што ќе се одржи в недела во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.

Сите ракометни колективи со право на глас и писмено му изразиле поддршка на Мукаетов, со што тој ќе остане единствен кандидат на Изборното собрание. Бидејќи согласно регулативите еден клуб не може да даде поддршка на двајца претседателски кандидати, ова практично значи дека Мукаетов ќе нема противкандидат и со акламација ќе добие нов четиригодишен мандат како прв човек на „куќата на ракометот“.