Живите статуи на скопјани им одиграа „Танго на улица“ (галерија)


Фото: Б. Грданоски

Попладнево во центарот на Скопје, минувачите имаа можност да ги погледнат живите статуи, на „Сквер Јадран“. 

Со тоа почна издание на фестивалот „Статуафест – Другото лице на улицата – Танго на улица“.

Статуите во бела, црвена, зелена, жолта боја, измамија насмевки кај граѓаните кои ги видоа. Некои осамени, некои во двајца, го изиграа „Тангото на улица“. 

– Статуафест – Другото лице на улицата „Танго на улица“, како и секоја претходна година концептуално раскажува приказни. Оваа година ќе раскажува за претворањето на Скопје во една мала, но сепак – огромна уличка сместена некаде во некој раздвижен простор во длабочините на духот на аргентинското танго, тежнеејќи да ги видиме и запознаеме оние страсни скопјани кои со сиот свој дух лудуваат по тангото „премачкани“ во тој разигран уличен миг на евергрин – велат од здружението граѓани „Тим Театроск“ кои се организатори на фестивалот.

„Тим Театроск“ е улична театарска продукција која работи уличен театар, улични промоции и настани со сличен карактер. Она по што е препознатлива ова продукција се пантомимските улични точки и уличните подвижни статуи, како поединечни, така и во акт, т.е. слика.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, а спонзори се Винарска визба Тиквеш, Пакомак и МДН обезбедување, а дополнително помагач е Театарот за деца и младинци. 

Во продолжение погледнете ги фотографиите на нашиот фотограф Б. Грданоски.