Живееме во време каде целта е „да се има“, а не „да се биде“: Интервју со Лидија Капушевска-Дракулевска, автор и книжевен критичар

Не успеавме да изградиме стабилна држава со вредносни принципи во која на цена ќе биде квалитетот и некои суштински вредности, а не „врските“, политичката определба или престижот и парите, вели добитничката на наградата „Димитар Митрев“ на ДПМ, во интервјуто за Независен


Фото: Б. Грданоски

Лидија Капушевска-Дракулевска (1962), редок пример на интелектуалец, сестрано вграден во македонската книжевност и култура, речиси цела година е актуелна како творец-есеист и критичар-теоретичар, дома и во регионот, а нејзиниот авторски труд сега и валоризан со уште една награда „Димитар Митрев“на ДПМ за критика и есеистика, заедно со академик Влада Урошевиќ.

Дракулевска, која ретко дава интервјуа, ексклузивно за Независен проговори и за книжевноста како отпор и како катарза, за книжевната страст за фантастиката и надреализмот, за новите македонски таленти-автори, и зошто како народ малку читаме.

Таа е редовен професор по предметот компаративни поетики на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески” – Скопје. Член е на македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија; на Здружението за компаративна книжевност на Македонија, на Европската мрежа за компаративни проучувања (REELC) и на Меѓународната асоцијација за компаративна книжевност (AILC). Објавува есеи и студии од областа на книжевната фантастика, толкување на поетски текстови и компаративно проучување на книжевните феномени.

Фото: Б. Грданоски

Годинава, а и лани, ви беа плодни во однос на нови книги со кои го збогативте и така богатиот и разновиден есеистички опус, а сега годината, ја запечатувате со наградата „Димитар Митрев“ на ДПМ (заедно со академик Влада Урошевиќ) за  најдобра книга, критика и есеистика за „Птици во аквариум надреализам 1924-2024“. Што е за вас пишувањето, некаква катарза, исполнување на дамнешен сон или цел во згусната ваша агенда како книжевната критичарка и теоретичарка и професор по компаративни поетики на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет.

Наградата „Димитар Митрев“ на ДПМ за заедничката книга со академик Влада Урошевиќ „Птици во аквариум надреализам 1924-2024“, дојде како подарок за професорот по повод неговиот 90-ти роденден, а и како наш национален придонес по повод 100-годишнината од надреализмот што се прославува токму есенва во Европа и во светот. Оваа награда претставува огромна чест и одговорност, се разбира, и навистина многу ни значи и на двајцата. Благодарни сме до колегите – членови на комисијата за наградата која е своевидно признание за нашата посветеност на науката за книжевност. Мене ми е особено драга затоа што ја добивам за книга реализирана со мојот почитуван и драг професор.

Што се однесува до вториот дел од вашето прашање – што е за мене пишувањето?, веројатно спој од тријадата што веќе ја посочивте: и катарза, и исполнување на сон, и моја професионална ориентација. Јасно е зошто ми е професионална ориентација, но веројатно треба да ги дообјаснам другите две нешта. Зошто исполнување на дамнешен сон? Затоа што не станав писателка (хахаха), иако уште од детството, а особено во гимназиските денови, како и повеќето млади кои сакаат да читаат – пишував по некој стих или запис, повеќе „за своја душа“, како што се вели, а по нешто дури и споделував на некои јавни настапи како член да литературната дружина во гимназијата. И ден-денес знам да ставам нешто на хартија. Во таа смисла, можеби критиката и есеистиката ми се еден вид компензација.

Во однос на катарзичниот ефект, не треба да заборавиме дека пишувањето како интелектуална дејност претставува еден можен начин на спротивставување на хаосот и кризата на епохата, на сеопштото лудило во денешниот свет. Аналогно на книжевната креација, и „теориите доаѓаат од чувства, од оние нешта што те накострешуваат и те вознемируваат“ – вели мексиканската авторка Глорија Анзалдуа. Книжевноста е истовремено, и отпор, и катарза.

Во отсуство на академик Влада Урошевиќ, наградите во ДПМ ги прими Лидија Капушевска Дракулевска

Промоцијата на наградената книга од ДПМ, беше замислена како јавно книжевно судење, со аргументи и докази, со драматични излагања, на моменти цинични и реални како македонската стварност, а на крајот поротата одлучи дека книгата не е штетна за читателите ниту се коси со Уставот на Северна Македонија и може слободно да се продава во книжарниците ширум земјата, што се толкуваше како еден од најсензационалните книжевни настани кај нас. Што ве поттикна со Урошевиќ на ваква идеја и дали бевте задоволни од реализацијата?

Секако дека со професорот бевме многу задоволни, а се надевам дека и присутните го споделија нашето задоволство и вашата констатација дека промоцијата била еден од „најсензационалните книжевни настани кај нас“. Многу ви благодарам за овие убави зборови. Ако е така, целта е остварена!

Инаку, идејата, сценариото и целиот концепт на промоцијата е на професорот Урошевиќ. Уникатна, оригинална и мошне креативна идеја, впрочем, во стилот и духот на професорот, зар не?! Од друга страна, самиот концепт на јавно книжевно судење има своја историска предлошка токму во надреализмот. Промоцијата на нашата заедничка книга во вид на судење е далечно ехо на „Процесот на Морис Барес“, фарсична симулација на судење на угледниот писател и академик (Морис Барес) одржана во 1921 година, клучен настан на кој доаѓаат до израз првите разлики помеѓу дадаистите и идните надреалисти.

Со академик Урошевиќ на кого му бевте асистентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет, а сега сте редовен професор на истата Катедра, и понатаму ја делите книжевната страст кон фантастиката и надреализмот. Како изгледа таа соработка?

Секој млад соработник би посакал да има професор како Влада Урошевиќ! Имавме среќа со драгата колешка Маја Бојаџиевска да му бидеме асистентки токму нему, на Влада Урошевиќ. И во други прилики сум кажала, ќе повторам и сега: професорот и неговата прекрасна сопруга Тања Урошевиќ, како и драгата Вана, нивната ќерка, нè прифатија како дел од нивното семејство. Соработката не е само професионална, туку повеќе од тоа! Прерасна во едно искрено пријателство. Тоа е нешто најскапоцено за мене.

Што се однесува до книжевната страст за фантастиката и надреализмот, во право сте, ја наследив од професорот; тој е главниот „виновник“ за мојот интерес и книжевно љубопитство за споменатите феномени. Непроценлива е можноста да се учи од најголемиот зналец за фантастиката и за надреализмот во нашата средина и пошироко. Не само што ми беше достапна богатата библиотека на професорот, туку, особено размената на мислење, долгите дискусии, упатствата на што да се обрне внимание, бескрајните разговори и споделените приказни и анегдоти од страна на професорот – се неповторливо искуство! Професорот умее да го даде неопходниот креативен поттик, да советува, а богами и да критикува, што е особено значајно за секој млад соработник. Само така се расте и напредува во науката за литература. Еднаш веќе напишав и сè уште стојам зад кажаното: секоја средба со Влада Урошевиќ е чудесна! 

Вие сте неприкосновен зналец на поетиките на романтизмот, симболизмот, надреализмот и на книжевната фантастика…. Колку тие најдоа плодотворна почва кај нас, и како книжевна сцена и како читатели?

Благодарам за убавите зборови, но знаете, колку повеќе навлегувате во тајните на споменатите поетики, толку повеќе ви се отвораат непознати бездни. Но, убаво е да постојат предизвици! Мислам дека младите ги сакаат споменатите правци, барем ако се суди според нивниот интерес и посветеност за време на студиите. Некој повеќе, некој помалку, се разбира. Она што е универзално и естетски вредно од романтизмот (тука влегува и фантастиката), симболизмот или надреализмот, секако дека наоѓа плодотворна почва и кореспондира со денешните читатели. Наследството на овие правци и тенденции, на свој специфичен начин, успеало да се вгради во современите книжевни текови, иако нивниот историски период е одамна завршен. Секако модифицирано и во духот на времето. Верувам дека денес нема млад поет кој не ги читал Бодлер или Рембо, како што верувам во тоа дека и најреалистично ориентираниот прозаист барем еднаш посегнал по сферите на фантастичното и надреалното. Па не така одамна, цела една генерација израсна со книгите и филмовите за Хари Потер! Од друга страна, од лично искуство, како член на жирито за наградите „Роман на годината“ на фондацијата „Славко Јаневски“ или за наградата „Пегаз“ на издавачката куќа Арс ламина пред неколку години, знам дека жанрот на фантастиката, научната фантастика и некој вид негативна утопија, се доста актуелни кај младите. Но секако, не треба да се генерализира. Има многу трендови, времето ќе покаже што ќе заживее и ќе опстои на книжевната сцена. Сакам да верувам во девизата дека „надреализмот не е мртов!“, како и во тоа дека секој млад човек е, помалку или повеќе, – романтичар, на свој начин.

Вие сте и проследувач на македонската книжевна продукција. Колку таа е збогатена со нови таленти? Дали имате чувство дека се вртат исти имиња, творат, па не творат, и Македонија како да е поле на книжевен натпревар меѓу докажани автори од постарата генерација?

Мислам дека македонската книжевна сцена и тоа како е збогатена со нови имиња и талентирани млади автори. Во доменот на сите жанри. И многу се радувам и многу ми е мило! Отсекогаш сум ги поддржувала и секогаш ќе ги поддржувам младите. Младите заслужуваат шанса, тие се нашата иднина, колку и да звучи како излитена фраза. Немам чувство дека се вртат исти имиња. Ние сме мала средина и нормално е да се повторуваат имињата на авторите, тие да имаат свои светли мигови, подобри или послаби остварувања и сл. А убаво е Македонија да биде поле на книжевен натпревар, па нека биде тоа и меѓу докажани автори од постарата генерација, зошто да не?! За сите има место. Веројатно од перспектива на младите тоа изгледа поинаку, ги разбирам, ама и тие еден ден, здравје, ќе станат дел од постарата генерација и дај Боже да бидат сè уште креативни и продуктивни и да конкурираат за награди рамноправно со некои нови млади творци. Се проценува оствареното дело, а не авторот. Наградите се многу, многу деликатна работа, тие обврзуваат. Понекогаш може да бидат и хендикеп, подеднакво како за еден млад, така и за еден докажан автор, како што велите. Возраста не треба да биде пресуден фактор. Искрено, многу сакам да добиваат награди нови, непознати и неафирмирани автор(к)и доколку имаат одлични книги. Не е во ред да се изземаат од наградите со изговор: „млад(а) е, има време за награди“. Но, да го почитуваме и искуството кое, нормално, многу влијае врз секој вид уметничка продукција, вклучувајќи ја и книжевната. Има кај Рилке една убава дефиниција на поезијата која гласи: „Стиховите не се, како што луѓето мислат, чувства, тие рано се јавуваат – стиховите се искуство“.

Фото: Б. Грданоски

На тркалезната маса на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ во Скопје, хрватскиот колумнист и автор Борис Дежуловиќ, го цитираше Алдус Хаксли: „Не се плашам од општество во кое се книгите забранети, туку од општество каде никој не сака да чита“. Имате ли чувство дека како народ малку читаме, дополнително и во оваа ера на Интернет, што не е оправдување. Каде потфрливме како општество и како семејство?

Многу комплексно прашање за кое и самата многу сум размислувала, но верувајте, немам соодветен одговор. И многу фактори се тука во игра, од социолошки до политички, би рекла, во смисла на отсуство на културна политика. Па земете ги за пример телевизиите како најмоќен фактор, можеби, во градењето на општокултурната свест. Културата е ставена на маргини или воопшто ја нема. На јавните ТВ сервиси во соседството, на пример, во рамките на дневните вести, постојат рубрики „Вести од културата“ или „Културен дневник“! Кај нас, исклучително ретко се говори за настани од културата кои ги имаме во изобилство, ама нема информации за нив. Секојднево може да се прават рекапитулации на книжевни и културни настани и така постепено културата ќе влегува во секој дом и со тек на време ќе стане навика. Тука многу можат да помогнат и секако дека помагаат електронските медиуми, но мислам дека културната политика треба да биде поагресивна во најубавата смисла на зборот.

Во врска со читањето, сите знаеме дека тоа треба да се негува од најмали нозе во кругот на семејството, а потоа и во воспитно-образовните институции. За жал, сите истражувања велат дека како народ малку читаме. Зошто е тоа така? Веројатно динамиката на живеењето си го прави своето, но тоа не е изговор. Не ги оправдувам младите, ама веројатно и не им до читање – живееме во едно несигурно, турбулентно време, кога во игра се материјалните а не духовните вредности, вистинските вредносни критериуми се во криза, сè е сведено на политика и на некаков престиж, дури и оној прекрасен концепт на Ерих Фром звучи идеалистички и сосема е пресвртен: целта е „да се има“, а не „да се биде“, за жал.

На Запад, во метроата, сè уште може да се сретнат читачи, ама и таму сè повеќе наместо книги во раце се држат мобилни телефони. Кај нас, исто така. Во автобус или во кафуле, на плажа, дури и на јавни места, во кино и театар, на предавања или на состаноци, сите се со мобилни. Значи сепак се чита, само прашање е што се чита? На Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, за среќа, главно доаѓаат студенти кои сакаат да читаат, ама тие се „ретки птици“. Нашите колеги-студенти се толку пасионирано посветени на книгите, што ништо не може да ги поколеба – ниту родителската грижа во стилот „како ќе заработуваш за живот со компаративна книжевност?“, ниту денешното сурово опкружување кое, за жал, не им оди во прилог. Драго ми е што ги има, малку, ама ми даваат надеж дека може и поинаку да се гради една млада личност.

Каде потфрливме како општество и како семејство? Не успеавме да изградиме стабилна држава со вредносни принципи во која на цена ќе биде квалитетот и некои суштински вредности, а не „врските“, политичката определба или престижот и парите.

Во оваа ера на Интернет, што е тоа што ве тера да продолжите, со истата страст, да пишувате, да едуцирате?

Дозволете ми овде како одговор на вашето прашање да се повикам на едно одлично предавање на Умберто Еко со наслов „Од интернет до Гутенберг“ одржано во 1996 година. (Кај нас објавено во електронското списание „Блесок“ во 2000 година во превод на Игор Исаковски.) „Во историјата на културата“, вели Еко во споменатото предавање, „никогаш не се случило еднo нешто да убие некое друго нешто; може само во корен да го промени“, па како пример го наведува автомобилот кој се движи побрзо од велосипедот, но факт е дека автомобилите не ги истиснаа од употреба велосипедите! Италијанскиот писател се сложува со тоа дека Визуелната галаксија ја има заменето Гутенберговата галаксија, како и дека живееме во електронска заедница, во која најголеми проблеми се осаменоста (парадоксално, контактирајќи со целиот свет преку една галактичка мрежа – поединецот се чувствува осамен) и преплавеност со информации. Според Еко, ни треба нов вид образование во кое книгите сè уште ќе го водат главниот збор, зашто напишаното не нè соочува со неограничените можности на Слободата, туку со суровите закони на Нужноста: „За да бидеме слободни личности, ќе мораме да ја научиме лекцијата за Животот и Смртта, а книгите се единствените што сè уште можат да ни ја дадат оваа мудрост“ – изјавува тој.

На кој начин? Па преку приказните!

Од искони е познат човечкиот порив за слушање и за раскажување приказни. „Луѓето, за да преживеат, ткаат приказни“ – запиша во една пригода нашиот Горан Стефановски. Иво Андриќ, пак, по повод доделувањето на Нобеловата награда за литература во далечната 1961 година, ќе изјави: „Понекогаш ни се чини дека човештвото од првиот блесок на свеста, низ вековите потоа, си ја раскажува себеси, во милион варијанти, паралелно со здивот и ритмот на своето суштествување, постојано истата приказна. А таа приказна, како да сака, слично на приказните на легендарната Шехерезада, да го заведе крвникот, да ја одложи неминовноста на тргедијата која ни се заканува и да ја продолжи илузијата на животот.“

Имате ли омилени автори, и зошто?

Уф, многу тешко прашање за некој за кој книжевноста не е само хоби, пасија, туку и професионална ориентација. Ако почнам да набројувам, ќе биде тоа еден долг список. А може и да заборавам некого, па потоа ќе ми биде криво. Би се обидела да одговорам на вашето прашање „зошто?“ Зошто ми е некој автор омилен? Зашто умее да ги пренесе на хартија суштинските нешта што живот значат. Зашто успева да допре до некои најдлабоки душевни сфери и да ме разбуди, да ме испровоцира, да ми понуди една неповторлива авантура и визура на човекот и светот. Конечно, зашто слободно креира некој свој нов и уникатен свет кој ни е близок и кој станува подеднакво и наш – личен а универзален, измислен а подеднакво реален и вистинит…

Што е за вас квалитетно потрошено слободно време?

Безброј нешта. Ќе се обидам да набројам дел од нив. Освен секој слободен миг проведен со семејството, кафето или дружењето со најблиските пријателки и пријатели, убавите средби или разговори со некои драги колешки и колеги, патувањата, посетите на познати и(ли) непознати земји и градови, предели и локалитети, читањето книги, секако и театарот, концертите, филмовите, изложбите, но и пливањето, прошетките во природа, па дури и будното сонување и мечтаење… сето тоа за мене е квалитетно потрошено слободно време.

Кои се вашите идни планови на книжевен план?

Подготвувам нова книга со избрани критики и есеи, а можен е и некој нов заеднички проект со професорот Влада Урошевиќ, зошто да не?! Само да сме живи и здрави!