Жителите на Виена ќе добијат по 50 евра за кафулиња и ресторани


Градот Виена планира со ваучер од 50 евра по домаќинство да го поттикне угостителството чии објекти од петок повторно ќе бидат отворени, по двомесечна пауза.

Сите домаќинства од средината на јуни ќе добијат ваучер од 50 евра, најави градоначалникот на Виена Михаел Лудвиг.

Тој рече дека сите 950.000 домаќинства ќе добијат ваучер од 50 евра, а домаќинствата со еден член од 25 евра, кои ќе можат да се користат до крајот на септември во ресторани и кафулиња кои учествуваат во таа акција.

Со ваучерот нема да можат да се платат алкохолни пијалаци.

Оваа акција ќе го оптовари градскиот буџет за 40 милиони евра, но Лудвиг изјави дека „градот може да си го дозволи тоа“.

Тој потсети дека угостителството во Виена секоја година носи околу 1,4 милијарди евра.