Жителите на Ново Маало во одбрана на проектот спроти Холидеј ин, инвеститорот за утре најави јавна презентација


Жителите на населбата Ново Маало во Центар сметаат дека со проектот кој е предвиден да се гради на парцелата спроти Холидеј ин ќе се реши проблемот на многу семејства кои, како што велат, сé уште живеат во супстандардни услови, како да е 19 век или биле приморани да ги напуштат своите куќи.

-Сите оние кои од комфорот на своите станови се противат на проектот кај Холидеј Ин треба да дојдат и да ги погледнат условите во кои се живее овде. Овде нема ниту зеленило, ниту инфраструктура, ниту основни услови за движење низ улиците. Се зборува за заштита на зеленилото, а факт е дека тука во моментов нема никакво зеленило освен руиниран асфалт и стари улици.

Зошто ние како граѓани имаме помалку права од другите граѓани во Аеродром, Карпош и останатите населби? Како тие може да градат на своите имоти, да надградуваат или реновираат, а ние сме дискриминирани и со години не може да си го решиме проблемот, велат тие.

– Нецивилизирано место за живеење, во септички јами живеење, без одвод, буквално 19 век и сето тоа се чека заради сите тие превирања на институции – сега ќе го направиме, сега ќе го направиме, а досега ништо. Верувам дека ова е последен апел, дека треба да се почне веднаш и сега. Греота е за овие 100 до 200 фамилии што се наоѓаат на целиот простор, затоа го оправдуваме овој проект, рече денеска во изјава за медиумите Игор Стојанов, жител на Ново Маало.

Љупчо Велков, кој е исто така жител на оваа населба, изрази револт бидејќи други одлучуваат за местото каде тие живеат.

 

– Ние сме газди на овие куќи. Кога ќе се изградат тие згради во планот сме и ние, рече Велков, додавајќи дека не разбира зошто на некого ќе му пречат три висококатници.

Откако проектот предизвика контроверзии помеѓу граѓаните, викендов се огласи инвеститорот „МГ Фешн“ кој нагласи дека на Холидеј Ин се проектира урбан и зелен комплекс и објекти со тројно намалена катност.

За утре најавија јавна презентација на проектот, а за визуелизациите кои се споделува на интернет, велат дека се неточни.

Изгледот на зградите кај хотелот „Холидеј Ин“ за прв пат беше презентиран преку фотографија во вчерашната „Топ Тема“ на Телма. Архитектот Мартин Пановски рече дека во зградата се предвидени 400 станови, во кои би требало да живеат 1.200 до 1.300 луѓе.