Жителите на Лезбос и Хиос протестираат поради изградба на центри за мигранти


Жителите на грчките острови Лезбос и Хиос продолжија со блокадите по инцидентите во текот на ноќта и се обидуваат да ја спречат изградба на затворените центри за бегалци и мигранти.

Локалното население овој пат блокадите ги постави на патот што води до локациите предвидени за изградба на затворените центри. Префектот на северниот дел од Егејското Море, кој е заедно со жителите на Лезбос на една од блокадите, преку својот фејсбук-профил коментираше дека ова е срамен ден за сите. Вели дека е срамота жителите што ги чуваат островите да бидат тепани и да страдаат и додаде дека ни за време на хунтата не се правеле такви работи, јави МИА.

Со цел да се олесни почетокот на изградбата на затворените центри за бегалци и мигранти, владина одлука со која не се согласува локалното население, доцна синоќа од Атина пристигнаа камиони и булдожери, придружувани од неколку полициски единици. Тие беа пречекани со протести од локалното население, така што во текот на ноќта избија инциденти и на двата острови. Жителите се обидоа да ги спречат, а полицијата употреби солзавец и шок-бомби.

Кусо пред полноќ, според локалните медиуми, чукале камбаните во неколку села, за жителите масовно да излезат на протестот. Подоцна биле повикувани и со мегафони.

Опозициската СИРИЗА, смета дека тајното праќање на 10 специјални полициски единици на Хиос и на Лезбос создаваат голема загриженост и ја зајакнуваат тензијата, како и дека со ова владата на Мицотакис додава масло во оган.